Српскиот претседател Александар Вучиќ официјално се повлече од својата функција на седум месеци пред истекот на неговиот втор мандат. Со овој потег државата влегува во уставна постапка за избор на нов претседател, додека челната позиција привремено ќе ја извршува претседателката на парламентот Ана Брнабиќ.
Вучиќ во своето обраќање упати благодарност до граѓаните за укажаната поддршка во изминатите години и потврди дека неговиот претседателски мандат завршува веднаш.
Им благодарам на граѓаните кои двапати ми ја укажаа својата доверба. Денес е денот кога поднесувам оставка, вели Александар Вучиќ.
Тој направи детален осврт на постигнатите економски резултати за време на неговото раководење со државата, посочувајќи го намалувањето на јавниот долг, континуираниот раст на бруто-домашниот производ и отворањето нови работни места. Притоа прикажа и графички податоци за растот на БДП по глава на жител од 2021 година па сè досега.
Имаме 500.000 луѓе повеќе вработени отколку во 2012 година, тоа се факти, резултати, вели Александар Вучиќ.
Зборувајќи за инфраструктурниот напредок, Вучиќ го истакна значењето на новите автопатишта и сообраќајници кои директно помагаат за економско поврзување и отворање работни позиции. Тој упати порака и за идните обврски на неговиот наследник, нагласувајќи дека приоритет мора да остане одбраната на државните интереси и заштитата на српскиот народ на Косово.
Секој ќе мора да се спротивстави на откажувањето од Косово. Ќе мора да се занимаваме со економскиот развој, пред сè со вештачката интелигенција и роботите, за да не задоцниме, вели Александар Вучиќ.
Иако заминува од претседателското место, тој потврди дека останува активен на политичката сцена и најави силен ангажман во кампањата за предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври. Вучиќ истакна дека ќе настапува како граѓанин и ќе застане зад листата на Српската напредна странка, со што се отвора опцијата да биде мандатар за премиерска позиција доколку освојат мнозинство. Во своето излагање упати критики и кон одредени високообразовни установи, оценувајќи ги како партиски штабови.
Вучиќ ја презеде претседателската должност во 2017 година, а вториот мандат го доби на изборите во 2022 година. Согласно Уставот на Србија, никој не може да биде на претседателската функција повеќе од двапати.
Според член 117 од највисокиот правен акт, по поднесената оставка раководењето со институцијата привремено го презема претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ. Таа функција собранискиот спикер може да ја врши најмногу три месеци, рок во кој мора задолжително да се организираат и спроведат претседателските избори.
Србија истовремено се подготвува и за предвремените парламентарни избори кои беа закажани за 25 октомври откако парламентот претходно беше распуштен. Со тоа земјата во претстојниот период паралелно ќе спроведе два клучни изборни процеса за состав на нов законодавен дом и за избор на нов шеф на државата.
