Несекојдневен и крајно непријатен инцидент ја прекина свадбената прослава во еден ресторан во Јагодина, откако поранешното момче на невестата направило хаос пред присутните. Младиот човек влегол во салата како придружба на роднина на младоженецот, кој воопшто немал претстава за нивната поранешна љубовна приказна. Присуството на свеченоста го искористил како последна прилика да ја види својата некогашна партнерка пред стапувањето во брак.
Тие беа во долгогодишна врска и сите во градот знаат дека тој никогаш вистински не ја преболел. Кога влезе во салата, на почетокот сè изгледаше мирно. Седеше во еден агол, беше речиси незабележлив и се држеше настрана. Меѓутоа, како што ракијата почна да се пие во големи количини, така и потиснатите чувства излегоа на површина. За еден час испи буквално цело шише жесток алкохол, открива за српски Курир еден од очевидците кои присуствувале на настанот.
Кога музичкиот бенд засвирел емотивни народни рефрени, а младенците заиграле на подиумот, гостинот целосно ја изгубил самоконтролата и направил вистински метеж во објектот.
Најпрво почна гласно да дофрла од местото каде што седеше, а потоа стана, се приближи до подиумот и пред сите гости почна да крши чаши и да го извикува нејзиното име! Сите занемеа, раскажува сведокот на немилиот настан.
Роднините на младоженецот веднаш реагирале со цел да спречат физички судир, додека во салата владеел целосен молк и шок меѓу сватовите.
Младоженецот збесна и сакаше физички да се пресмета со него, но кумот и постарите сватови го задржаа. Невестата само пребледе и побегна во тоалетот со другарките. Сите коментираа дека момчето воопшто не било агресивно во смисла дека сакало некого да тепа, туку дека тоа бил чист очај и тага! Човекот се распадна пред 200 луѓе затоа што не можеше да поднесе да ја види во венчаница, појаснува гостинот.
Музиката била запрена околу дваесет минути додека приватното обезбедување и познаниците не успеале да го отстранат момчето надвор од ресторанот, каде што тој продолжил да плаче врз автомобил. По отстранувањето на гостинот веселбата продолжила, но градот и понатаму зборува за оваа шокантна сцена.
