Финецот минатата недела објави дека ова ќе биде последна Формула 1 сезона како возач за него, но сеуште не кажа каде ќе ја продолжи кариерата, дали ќе продолжи да се трка или целосно ќе се откаже од возењето.
Фредерик Васур разбира зошто неговиот возач решил да замине од Формула 1, но би сакал да остане дел од тимот со оглед на искуството кое го има.
-Мислам дека не беше далеку од одкажување и лани, се работи за негова лична одлука затоа што сезоните стануваат се потешки и бараат поголема посветеност. Одлука ја донесе без брзање затоа што воопшто не е лесно да се каже дека се откажувате од нешто што го правите дваесет години.
-Знам дека веќе има понуди од други серии и работи. Мислам дека е подобро да го оставиме да се смири, а потоа да дискутираме со Кими за некоја форма на ангажман во тимот. Би бил пресреќен да го задржиме Кими во некаква улога, но му треба време и би било погрешно веднаш да носи одлуки што ќе прави во иднина – вели Васур.
Времето кое Раиконен го мина во Алфа Ромео не беше многу успешно, но сето тоа беше поради болидот кој го имаше на располагање.
Кими во тимот донесе огромно искуство, вози во Формула 1 последните дваесет години и константно го прави тоа за победнички тимови и се бори за победи, а тоа беше клучно во нашиот развој – вели Васур.
Не зборувам за резулатите, туку за развојот на среден рок, а проектот беше поставен така што знаевме од каде да очекуваме перформанси и кој треба да притисне. Секако дека сакав и подобри резултати, но целта на тркањето е никогаш да не бидете задоволни од постигнатото време и да се борите за подобро. Поддршката од Раиконен беше огромна – вели Васур.
Сонародникот на Кими, Валтери Ботас, ќе го заземе неговото место следната сезона.