Македонската фудбалска репрезентација в четврток (17 јуни) ќе го игра вториот натпревар на Европското првенство, противник е Украина. Езѓан Алиоски на денешниот брифинг со новинарите зборуваше за очекувањата од овој дуел.
Горди сме на натпреварот што го одигравме против Австрија. Резултатот не беше добар за нас, но мораме да размислуваме позитивно. Се фокусираме на мечот со Украина, имаме време за закрепнување и ќе бидеме подготвени. Го анализираме противникот и треба да ги коригираме грешките од првиот натпревар. Треба да го играме нашиот фудбал, да веруваме во себе. Овој натпревар е како финале за нас, но и за Украина.
Според Алиоски, Македонија тактички треба да биде на ниво, но и многу внимателна.
Украина игра добар, офанзивен фудбал. Постигнаа два гола против Холандија, влегуваат како фаворити на мечот и тоа е добро за нас. Имаме квалитет, ќе излеземе без страв и со верба во позитивен резултат. Точно знаеме што треба да подобриме и важно е бидеме на ниво во текот на сите 90. минути. Имаме квалитет да постигнеме два гола дури и да сме во негатива. Најважно е да веруваме во себе и во тимот, истакна Алиоски.
Средбата ќе се игра на „Национална арена Букурешт“.