Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во дебатата за европската иднина на земјите од Западен Балкан се заложи напредокот и спроведените реформи во земјава да бидат наградени. Австрискиот европратеник предложи и амандман за бришење на параграфот 73 од извештајот за Македонија, со што во текстот повеќе не би бил конкретно споменат Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Многу земји во регионот, а секако и Република Северна Македонија, покажаа напредок и спроведоа реформи, а тоа е видливо. Плаќањата кон земјата се извршени, постои динамика и се работи на реформите што ги побаравме. Ова треба да се награди, можеби со делумна интеграција во пазарот и во нашиот роаминг-простор“, рече Вајц.

Според него, целта е Македонија да не ја изгуби мотивацијата. Тој додаде дека лично смета оти идентитетските прашања го растргнале регионот на Западен Балкан. „Отворени се рани и навистина е многу важно кога една од овие земји ќе постигне напредок и ќе воспостави добри односи со своите соседи. Не ни треба повторно регион со етнички проблеми“, изјави Вајц.

Неговите изјави предизвикаа особено незадоволство кај бугарските европратеници поради алузиите на соучесништвото со нацистичкиот режим во Втората светска војна. „Инвестирањето во помирување и во добри билатерални односи не е лесно. На Австрија ѝ беа потребни 40 години за да признае дека била соучесник во нацистичкиот режим“, рече тој.

Гнев кај бугарските членови на Европскиот парламент предизвика и неговото гледиште за идентитетските прашања. „Никогаш не би си дозволил да го доведам во прашање идентитетот на соседна земја. Исто како што не би си дозволил да го доведувам во прашање идентитетот на Бугарија, бидејќи таа беше под турска власт 500 години. Мора да бидеме свесни за реално остварливото градење добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Имаме улога да го поддржиме градењето на тие добрососедски односи и да не ја занемариме темата“, нагласи Вајц.

Со предложениот амандман Вајц бара да се избрише параграфот 73 од извештајот за Македонија, во кој се бараат „реално остварливи резултати“ од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, во согласност со Вториот протокол. Зад оваа навидум строго техничка постапка, според текстот, се крие политички маневар: доколку амандманот биде усвоен, во извештајот нема конкретно да се споменува Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Според бугарските медиуми, бугарските европратеници имаат помалку од еден месец за да ги мобилизираат големите европски политички семејства и да го одбранат местото на Вториот протокол во резолуцијата. Нивната цел е да го спречат Вајц да го отстрани протоколот од извештајот за Македонија, кој на 6 јули треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент.

Во спорниот став се инсистира Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, потпирајќи се исклучиво на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“. Во него е присутен и терминот „заедничка историја“.

Истовремено, според јавно достапните информации, Вајц не предлага промени во ставот 71. Во него значењето на Комисијата е наведено во многу поблага форма, а е забележано и дека самите историски толкувања не се дел од формалните критериуми за членство во Европската Унија.