Уапсен американски државјанин пред ноќен клуб во Градски парк
Американец со потекло од Нигерија е осомничен за напад врз полициски службеник и за нелегално поседување оружје, откако бил уапсен пред ноќен клуб во Градски парк. Инцидентот се случил на 21 декември во раните утрински часови, кога полицаец се обидел да го легитимира осомничениот.
Наместо да постапи по полициската наредба, осомничениот физички го нападнал службеното лице и со удари со тупаници му нанел телесни повреди.
Пронајден пиштол и муниција при претрес
По полициската интервенција, осомничениот бил совладан, а при претрес кај него бил пронајден полуавтоматски пиштол „Глок“ калибар 9 милиметри, како и две рамки со по 30 куршуми.
Откако било утврдено дека престојувал во хостел во Скопје, по наредба на јавен обвинител бил извршен претрес и во собата во која престојувал. Таму, според обвинителството, било пронајдено поголемо количество оружје и муниција, уште еден пиштол „Глок“, три рамки со по 15 куршуми, како и дополнителни 75 куршуми спакувани во ќеси, заедно со комплет за чистење оружје.
Истражна постапка и предлог за притвор
Покрај оружјето и муницијата, во просторијата биле пронајдени и три ножа, фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, како и усб-уреди и хартиени документи. Сите пронајдени предмети се одземени и ќе бидат предмет на вештачење.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против осомничениот за неовластено држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
До судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, прикривање на докази, како и ризик од повторување на кривично дело.
