Американската софтверска компанија за вештачка интелигенција „Палантир“ испрати јасни уверувања до европските сојузници дека не поседува никаков механизам за далечинско исклучување на воениот систем „Мејвен Смарт“ на НАТО. Ваквото соопштение доаѓа по загриженоста на европските земји предизвикана од прекините во сателитската услуга „Старлинк“ во Украина и стравот од прекумерна зависност од технолошки гиганти со седиште во САД.
Минатата недела официјален Киев обелодени дека се соочил со ограничен пристап до воената сателитска услуга „Старшилд“, која се потпира на сателитската мрежа на компанијата „СпејсИкс“. Терминалите престанале да функционираат на брзодвижечки платформи, што директно го отежнало дејствувањето на пресретнувачите на беспилотни летала наменети за одбивање на руските воздушни напади. За овие прекини беа понудени спротивставени толкувања од претставници на двете страни и од извршниот директор Елон Маск. Украинските и европските политичари изразија сомнеж за политичка позадина, со оглед на тоа што ограничувањето се појави по барањето на американскиот претседател Доналд Трамп кон Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии за нафта.
Извршниот потпретседател на „Палантир“ за Велика Британија и Европа, Луис Мозли, истакна дека ниту компанијата ниту американската администрација немаат моќ да ја исклучат платформата користена од командата на НАТО и неколку европски армии.
Она што го видовме во вестите во последните неколку дена во врска со „Стралинк“ е исклучително загрижувачко. Но, кога станува збор за „Палантир“, можам да ве уверам дека клиентите кои го купиле нашиот софтвер имаат целосна оперативна контрола врз него. Ниту „Палантир“, ниту американската влада, не можат да интервенираат и да го исклучат
Системот „Мејвен“ врши обработка на огромни количини податоци добиени од сателити, радари и разновидни сензори со цел на воените команданти да им обезбеди целосен увид во состојбата на бојното поле и забрзано донесување одлуки. НАТО го набави овој софтвер за потребите на Врховната команда на сојузничките сили за Европа во 2025 година, а во јуни годинава објави дека платформата достигнала целосна техничка оперативна подготвеност.
Одредени членки на Алијансата, меѓу кои Франција и Германија, одбија да го имплементираат системот во сопствените воени структури поради сомнежи околу зависноста од американски корпорации и политичките тензии меѓу Доналд Трамп и европските лидери. Раководителот на германската сајбер команда во април ја отфрли набавката на софтверот, нарекувајќи го незамисливо пристапот на приватни компании до државните воени бази на податоци. Мозли појасни дека ангажманот на персоналот на компанијата зависи исклучиво од волјата на клиентите и дека системот може целосно самостојно да функционира без никакво нивно учество.
Системот апсолутно може да работи независно од нас. Имаме многу клиенти низ целиот свет – и во војската и во корпоративниот сектор кои го прават токму тоа
