Откако американската Агенција за храна и лекови (FDA) целосно ја одобри антивирусната вакцина „Pfizer/BioNTech“, министерот за одбрана Лојд Остин нареди дека сите активни припадници на американската армија мора да бидат вакцинирани.
Армијата претходно објави дека ќе започне да ја спроведува оваа наредба кон крајот на август, додавајќи дека војниците може да бараат да бидат изземени врз основа на релевантни медицински, религиозни и административни причини.
Меѓутоа, наредниците, вишите штабни наредници, и офицерите на командни позиции кои одбиваат да се вакцинираат и не очекуваат изземање ќе се соочат со суспендирање или отпуштање доколку ја одбијат наредбата, појасни американската армија во соопштението.
–Војниците кои ја одбиваат вакцината прво ќе бидат советувани во својата команда, но повторената непослушност би можела да резултира со парична или дисциплинска казна, која вклучува суспензија или отказ, се истакнува во армиското соопштение.
-Ова е буквално прашање на животот и смртта за нашите војници, нивните семејства и заедниците во коишто живееме, изјави генералот Рејмонд Скот Дингл, наведувајќи ја својата загриженост во врска со ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот.
Од минатата седмица американското министерство за одбрана пријави повеќе од 353.000 случаи на Covid-19 меѓу својот персонал и повеќе од 450 смртни исходи.
Армијата на САД сега очекува дека нејзините активни единици во целост ќе бидат вакцинирани до 15-ти декември, а разервниот состав и Националната гарда до 30-т ијуни следната 2022 година.