Банкарскиот систем во регионот остана отпорен и покрај предизвиците во текот на здравствената и тековната криза, поради претходно соодветно поставените регулаторни заштити и механизми, оцени гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на гувернерската панел –дискусија што во рамки на 16. Годишна конференција ја организираше Банката на Албанија со Лондонската школа за економија и политички науки.

Говорејќи за капиталните и ликвидносни заштитни слоеви, гувернерката потенцира дека кај банките во регионот заклучно со второто тримесечје од годинава, адекватноста на капиталот во просек изнесува 18,3 проценти, што е непроменето во однос на нивоата пред пандемијата во декември 2019 година, а во некои земји е дури и повисоко.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на реформите поврзани со „позеленување на финансискиот сектор“ притоа посочувајќи дека носителите на политиките треба да се фокусираат на понатамошно одржување на реформската агенда за усогласување на финансиските системи во регионот со меѓународните стандарди, при што, „зеленото финансирање“ треба да биде важен приоритет.

Во тој контекст, Ангеловска-Бежоска посочи на оценките на меѓународните институции. Така, „ММФ проценува дека природните катастрофи поврзани со климатските промени го намалуваат растот во просек за 0,4 п.п., па дури и до 0,7 п.п. во помалку развиените економии, а се проценува дека негативниот ефект во наредниот период ќе биде уште поголем, особено во помалку развиени економии, коешто бара енергични активности не само од креаторите на политиките, туку и од целата меѓународна заедница“.

Говорејќи за улогата на регулаторите за поттикнување на „зелена“ компонента во финансиите, гувернерката истакна дека Народната банка ги поставила зелените финансии како една од стратегиските цели.

– Имајќи јасна и цврста определба, Народната банка стана членка на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, во која централните банки и супервизорските институции придонесуваат за развој на управувањето со ризиците во финансискиот сектор коишто произлегуваат од климатските промени. Делувајќи проактивно, Народната банка спроведе Анкета за ризиците од климатските промени чии резултати укажаа на се поголемата застапеност на зелените кредити, како и се позастапеното воведување нови производи и услуги како реакција на климатските промени. Поддржувајќи ја „зелената агенда“, централната банка воспостави редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање и започна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. Едновремено, се вложуваат напори за осмислување монетарни мерки за развој на „зелена“ компонента во финансиите во македонската економија, истакна гувернерката.

На конференцијата учествуваа високи претставници од централните банки, претставници од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, академската заедница, банкарството и финансиските системи