Вицепремиерот Груби ги користи просториите на Министерството за политички систем за партиски цели. Антикорупциската комисија поседува докази и ќе поднесе претставка до неговата колешка Грковска. Претседателката на ДКСК смета дека ова е прекршување на кодексот на етичко однесување на носител на јавна функција.

-Доставени се фотографии и линкови од Фејсбук страната на партијата Демократска унија за интеграција од кои е видено дека во просториите на наведеното Министерство се одржани средби на нивниот партиски лидер со претставници од странство, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Груби и врати на Ивановска во негов стил.

-Изгледа е непребол зашто не ги добија тие канцеларии. Таков впечаток ми се добива, рече Груби.

Појаснува дека Ахмети бил пратеник во Собранието и од таа функција тој имал состаноци и со претставници од власта, но и со меѓународни претставници во различки државни објекти, меѓу кои и владата.

-Не гледам некоја голема одговорност, но ако е толкав голем проблем ова ќе видиме да не се повторува тогаш, рече Груби.

Груби беше критикуван од јавноста и кога со сопартијците играше фудбал и баскет во својот кабинет. Тогашното непочитување на јавното добро го правдаше со тоа дека сите амбасадори кои доаѓале кај него на состаноци секогаш играле со топка.