Средба Мицкоски – Кошта ќе ја потврди европската перспектива на регионот

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре ќе ја посети Македонија. Ова е  дел од неговата турнеја низ Западен Балкан. Во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. По разговорите е најавена и заедничка прес-конференција во Владата на Република Македонија.

Македонија дел од европскиот фокус – Кошта ја истакнува посветеноста на Унијата

Како што информира владината прес-служба, посетата на Кошта има за цел да ја потврди решителната поддршка на Европската Унија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Претходно, Кошта ги посети Белград и Сараево, а Скопје е една од клучните станици на неговата дипломатска мисија.

„Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично“, истакна Кошта во пресрет на посетата.

Од Скопје до Тирана – регионална координација со премиерот Мицкоски

По престојот во Скопје, премиерот Мицкоски ќе го придружува Кошта на неговиот лет до Тирана, каде вечерта ќе се одржи неформална вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан. В петок е планиран и состанокот на Европската политичка заедница, исто така во Тирана.

Поддршка за справување со предизвиците и забрзување на интеграцијата

Антонио Кошта најави дека во сите средби со регионалните лидери ќе се фокусира на тековните предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот, а ЕУ ќе покаже подготвеност за практична и политичка поддршка. Посетата се оценува како важен сигнал дека Унијата останува посветена на европската иднина на Македонија и регионот.

Извор: Миа