Централниот совет на Македонците во Берлин упати апел до пратениците во Европскиот парламент да го поддржат Амандманот 108 на европратеникот Томас Вајц. Со амандманот се бара Правната служба на Советот на ЕУ да даде независно мислење дали Вториот билатерален протокол меѓу Македонија и Бугарија е дел од преговарачката рамка за членство во ЕУ. Од Советот велат дека досега нема јасна правна потврда за тоа, иако протоколот во пракса се третира како обврска во пристапниот процес.

Во соопштението се наведува дека протоколот содржи барања поврзани со македонскиот јазик, историја и национален идентитет, што, според Советот, создава правна несигурност и отвора сомнежи за можни прекршувања на основните принципи на ЕУ, меѓу кои забраната за дискриминација и почитувањето на националниот идентитет. Се посочува и дека Советот на ЕУ, при усвојувањето на преговарачката рамка, наводно не направил суштинска правна анализа на содржината на протоколот.

Во текстот се споменува и иницијативата на Лилјана Поповска пред Уставниот суд, со која се бара Вториот протокол да биде прогласен за ништовен. Таа тврди дека документот не е полноправен меѓународен договор, туку записник од заедничка комисија, кој не може да наметнува уставни и идентитетски обврски за државата.

Централниот совет потсетува и дека во мај 2026 година поднел жалба до Европската комисија против Бугарија поради, како што наведува, идентитетско-политички барања кон Македонија. Според нив, Амандманот 108 не зазема политичка страна, туку има цел да обезбеди правна сигурност, поголема доверба во процесот на проширување и почитување на европските вредности и владеењето на правото.

Во продолжение, целиот текст на апелот на Централниот совет на Македонците во Берлин:

Централниот совет на Македонците во Берлин упатува итен апел до сите пратеници во Европскиот парламент да гласаат за Амандманот 108 на европратеникот Томас Вајц (Verts/ALE, Одбор AFET) при претстојното гласање на пленарна седница во Европскиот парламент. Амандманот бара Правната служба на Советот на Европската унија да изготви независно мислење за тоа дали таканаречениот Втор билатерален протокол меѓу Република Бугарија и Република Македонија претставува дел од преговарачката рамка усвоена од Советот – или не.

За што конкретно станува збор

Во текот на пристапниот процес на Република Македонија, Република Бугарија постави низа барања од идентитетско-политичка природа, кои се вградени во Вториот билатерален протокол меѓу двете држави. Овој Втор протокол содржи одредби што директно ја засегаат положбата на македонскиот јазик, засебноста на македонската историја, како и постоењето и признавањето на македонскиот национален идентитет. Во политичкиот простор – а делумно и во службени документи – Вториот протокол фактички се третира како составен дел на преговарачката рамка, а со тоа и како дел на обврските за пристапување што Република Македонија треба да ги исполни.

Сепак, до денес не постои изрична и правно осигурана потврда за ваквото толкување од надлежните органи на Унијата. Токму тука се надоврзува Амандманот 108: тој не бара политичко прејудуцирање, туку само независно правно оценување на Правната служба на Советот.

Зошто правното оценување е толку важно во моментов?

Постојната неизвесност предизвикува значителна правна несигурност, која е проблематична од повеќе аспекти:

• Нејасни обврски: не може со сигурност да се утврди кои обврски од преговарачката рамка Република Македонија мора да ги исполни, а кои не.

• Можно прекршување на примарното право: постојат сериозни и добро образложени сомневања дека содржините на Вториот протокол воопшто не можат да бидат дел од преговарачка рамка. Тие ги засегаат забраната за дискриминација (член 2 ДЕУ), обврската за почитување на националниот идентитет (член 4 став 2 ДЕУ), начелото на лојална соработка (член 4 став 3 ДЕУ), забраната за дискриминација врз основа на државјанство (член 18 ДФЕУ) и правата гарантирани со член 21 од Повелбата за основните права.

• Дискутабилно суштинско разгледување од страна на Советот: при усвојувањето на преговарачката рамка, Советот – според достапните документи – не се произнесол суштински за конкретните содржини на Вториот протокол.

• Штета за македонските граѓани: сè додека прашањето останува нејасно, националниот идентитет, јазикот и историската самосвест на цел еден народ фактички стануваат предмет на тековни политички преговори.

Уставна иницијатива на Лилјана Поповска

Сомневањата во уставноста и законитоста на Вториот протокол веќе се предмет на судско разгледување во Република Македонија. Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и потпретседателка на македонското Собрание и поранешна претседателка на партијата ДОМ, во 2025 година поднесе уставна иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на Протоколот од втората седница на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Република Македонија и Бугарија од 17. јули 2022 година, барајќи тој да биде прогласен за ништовен.

Нејзините клучни аргументи се:

• Вториот протокол не претставува полноправен меѓународно-правен акт, туку само записник од седница на заедничка работна комисија.

• Протоколот ги надминува правните рамки на подзаконски акт и како таков не може да наметнува измени на уставот, националното законодавство или идентитетските прашања.

• Протоколот нанесува тешки штети врз идентитетот на македонскиот народ, на македонскиот јазик и на македонската државата, поради што е неопходно тој да биде прогласен за ништовен и да се поведе нова, правно втемелена постапка.

Жалба до Европската комисија против Република Бугарија

На 12 мај 2026 година, Централниот совет на Македонците во Германија поднесе формална жалба до Генералниот секретаријат на Европската комисија против Република Бугарија поради повреда на правото на Унијата. Предмет на жалбата се идентитетско-политичките барања на Бугарија, кои преку Протоколот од 17. јули 2022 година се институционализирани во преговарачката рамка. Оспорени се особено одлуката на бугарскиот парламент од 24. јуни 2022 година, споменатиот протокол кој ја негира самостојноста на македонскиот јазик, идентитет и историја, како и блокадата на Втората меѓувладина конференција.

Оспорувањето на самостојноста на еден европски јазик создава конкретна правна несигурност за граѓаните на ЕУ со македонско потекло – особено за овластените преведувачи и толкувачи на македонскиот јазик, јазичните посредници во органите и судовите, наставниците по мајчин македонски јазик и учениците чии свидетелства го наведуваат македонскиот јазик како наставен предмет. Самостојноста на македонскиот јазик е признаена со ISO-кодовите (mk; mac/mkd), од Обединетите нации, ОБСЕ и бројни институции на ЕУ, а германскиот Бундестаг ја потврди со надпартиска одлука (документ 20/7203, јули 2023 година).

Што претставува Амандманот 108

Централниот совет нагласува дека Амандманот 108 не прејудицира никаква политичка одлука на Европскиот парламент. Тој не зазема страна ниту за Република Македонија, ниту за Република Бугарија и не содржи политичка оцена околу настанатата состојба. Тој само бара Правната служба на Советот да даде објективно, правно втемелено појаснување околу правната положба на протоколот. Една ваква непристрасна проверка е во интерес на сите страни: таа создава правна сигурност за преговарачкиот процес, ја зајакнува веродостојноста и довербата во процесот на проширување и го штити интегритетот на договорите.

Нашиот апел до пратениците на Европскиот парламент

1. Гласајте за амандманот 108 на европратеникот Томас Вајц.

2. Залагајте се – особено во рамките на вашата политичка група и пред известувачот – овој амандман да добие широко надпартиско мнозинство.

3. Придонесете ова прашање, кое е од значителна важност за примарното право на Европската Унија, да биде упатено до Правната служба на Советот.

Европската унија е заедница која се заснова врз владеењето на правото. Појаснувањето на едно вакво чувствително прашање – кое ги засега самоопределувањето на земја-кандидат и основните права на нејзините граѓани – не е само барање за правна сигурност, туку би претставувало и потврда на вредностите врз кои е изградена Унијата.

Централен совет на Македонците во Берлин, Сојузна Република Германија