Успешно завршија овогодинешните археолошки ископувања на значајниот неолитски локалитет „Ограѓе“ во скопското село Орман. Стручниот тим работеше на терен со цел откривање нови материјални докази за праисторискиот период во овој регион.

Стручниот тим од Археолошкиот музеј годинава работеше на просторот северозападно од местото каде што во 2019 година Градскиот конзерваторски центар од Скопје вршеше заштитни ископувања. При тие претходни истражувања беа пронајдени остатоци од куќа стара осум илјади години, потврдија од Националниот археолошки музеј. Новите откритија обезбедија дополнителни археолошки докази за начинот на кој изгледал секојдневниот живот на првите жители на ова подрачје.

„Меѓу пронајдените предмети особено се издвојуваат: фигурини со човечки и животински ликови кои ни откриваат дел од верувањата и уметноста на овие луѓе, керамички садови и камени и коскени алатки што се користеле во тогашните кујни и работилници. Во текот на ископувањата беа откриени остатоци од огништа и отпадни јами“, велат од Музејот.

Овој значаен истражувачки проект беше поддржан од Министерството за култура и туризам и претставува дел од редовната годишна програма за работа на Археолошкиот музеј. Со теренските истражувања раководеше м-р Буњамин Џемаиљи, а стручниот тим го сочинуваа м-р Елена Стојанова Канзурова, д-р Перо Синадиновски, д-р Роберт Петковски, м-р Благоја Китановски и Јовица Ристов.

Најновите пронајдоци претставуваат уште еден цврст научен доказ дека Скопскиот регион крие богата и слоевита предисторија, која постојано продолжува да го привлекува вниманието на домашната и меѓународната стручна јавност.