– Ќе го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош. Оваа делница ќе претставува ефикасен и брз конектор на општините Чаир, Бутел и Центар. Вистински ќе изградиме, заедно со општината Чаир, нови катни гаражи и паркиралишта кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир и Топанско поле. Ќе проектираме и нов крак на ул “Боца Иванова” од кружниот тек до булеварот Христијан Тодоровски Карпош, ќе ја прошириме Македонско-Косовска бригада и ќе обезбедиме брз и лесен превоз на сите граѓани. Но, нема да ги заборавиме и новите велосипедски патеки кои ќе го поврзат Чаир со Центар и Бутел”, изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска од денешното обраќање пред граѓаните на општина Чаир.

Арсовска истакна дека еден од приоритетните проекти од нејзината програма за Чаир и Скопје е Старата чаршија која мора да стане култно место за градот, велејќи дека со тоа ќе го врати соживотот во Скопје.

– Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да стане култно место. Од исклучителна важност е да ја заживееме чаршијата и занаетите, да ја зголемиме нејзината туристичко-економска понуда и да ја направиме уште еднаш свртувалиште на сите скопјани. Градот ќе посвети дополителна грижа, во рамки на своите надлежности, на зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Ќе работиме и на целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација. Ќе дадеме и поддршка за организирање на голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Тука повторно ќе го оживееме соживотот во Скопје”, вели таа.

Арсовска од Чаир јавно упати прашања до актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов за сите ветени а нереализирани проекти кои во јавноста ги претставува како реализирани проекти со 3Д анимации и сликички.

– Каде ви е ветеното ново сообраќајно решение кај Јаја-паша кое требаше да ја намали гужвата? Каде ви се монтажни паркинзи „Чаирчанка“ и „Џон Кенеди“? Каде ви е зиплајнот преку Вардар? Каде ви е сообраќајницата кај Мавровка? Не ви е среден ниту кејот кај Серава за да ги поврзете трите општини на нејзиниот брег. Заради бизнис интересите на неколку моќници – ни тоа не го испорачавте. Вие дури не бевте способни да испорачате ниту по едно јаболко за средношколците, додаде Арсовска, порачувајќи му на Шилегов дека скопјани се умни луѓе и веќе никој не верува на неговите лажни ветувања ниту пак имаат очекувања од него.