– Во првите 82 дена од мојот мандат, преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акционен план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај каде ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот. Следно е отворање на телефонска линија за барања и помош на граѓаните. Ќе се формира и Зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор. Водно преку иницирање предлог закон ќе биде прогласена за заштитена парк шума. За граѓаните ќе биде воведена 24 часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции. Во соработка со Антикорупциска комисија ќе спроведеме процес на ветинг на директорите на јавни институции под градот и раководителите на сектори. Ќе се ревидира и прилагоди проценката на данок на имот. Предвидено е и формирање Совет за поддршка на жени претприемачи. Цените за паркинзите кои се под надлежност на град Скопје ќе бидат намалени до 25%. Тимови од градот ќе направат проценка на состојбата со заборавените населби во градот и ќе биде изготвен акциски план за спроведување на проекти за овие населби. И ова не е само изборно ветување, ова е моја обврска кон вас“, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, се обврза на реализација овие проекти во првите 82 дена од нејзиниот мандат, на денешната прес конференција.
Таа, исто така посочи дека времето за промени е дојдено, со оглед на многуте недостатоци и проблеми со кои што се соочува Скопје.
– Кога ги гледаме несредените улици, поплавите, дури и низ центарот на градот, нефункционалноста или на места непостоење на атмосферска канализација, стотиците диви депонии насекаде низ Скопје недостатокот на вода за пиење во делови од градот, знаеме дека време е за промени. Штом младите луѓе не се чувствуваат среќно и не ја гледаат својата перспектива овде, знаеме дека време е за промени. Кога гледате дека ви ги ветуваат истите работи за кои ја добија вашата поддршка пред четири години, а ништо не реализираа и сега повторно истите работи ги ветуваат, време за промени. И кога во борбата со загадување единствено што направија е отстранување на мерните станици, време за промени, истакна Арсовска.
Како независен кандидат, Арсовска кажа дека е благодарна за поддршката од партиите ДПМНЕ, Алијансата на Албанците, Алтернатива и сите останати партии, движења, невладини организации, но најмногу од се е благодатна за поддршката од скопјани. Затоа ги повика граѓаните во недела да бидат уште пообединети за една цел – современо и модерно Скопје.
– Ве повикувам сите сите вас кои сте разочарани од политика, кои никогаш не сте излегле на гласање, вие што сте изгубиле надеж, што сте гласале за власта која ве разочарала, да се обединиме, да се бориме за модерно Скопје и да ме поддржите мене во оваа битка. На чекор сме до успех за Скопје да не е повеќе политика, туку да е град со кој ќе се гордееме. Во недела вие ќе одлучите за иднината на Скопје, упати порака Арсовска до сите граѓани на Скопје.
За Арсовска, четири години се доволно време за да се оцени дали некој знае да работи и да го оствари своето предизборно ветување и според неа до сега скопјани се сведоци само на политиканство, празни ветувања, спотови и нереални 3Д анимации.
– Ние, граѓаните, заслужуваме модерно, европско Скопје, чист незагаден град и сигурни решенија за нашите проблеми. Слушавме доволно празни ветувања од политичарите, потребни ни се реални проекти, кои ќе го подобрат животот во нашиот град. На нашето Скопје му треба менаџер, а не политичар. Затоа ве повикувам да гласате за мене, за бројот 82, за да ја направиме разликата уште во првиот круг. Најмногу од се, за да го направиме нашиот град чист, со функционална инфраструктура, Скопје со кое ќе може да се гордееме сите, Арсовска упати апел до сите скопјани.