– Весковски и Шилегов се фатени во криминал и од тоа нема бегање. Имаме докази за местење на тендер од 300.000 евра, кој не само што е распишан и даден на фирмата КБК Инженеринг и Кодинг 2 која претходно ги извршила работите, туку и градежните работи и зафати се плаќани 2 – 3 пати поскапо од тоа што биле плаќани до 2017-тата година. Според документацијата која сега ја поседуваат и во ЈО, а нормално молчат само за да го заштитат криминалот, се гледа дека геодетски работи – копање на ров, во 2017-тата година биле плаќани по 19,34 денари, а сега на овој тендер се преплатени односно за истата работа е платено 168,85 денари, односно 8,7 пати поскапо. Неверојатно! Копањето на ров е исто и во 2017-тата година, и денес, ништо не е сменето во однос на трошоците, но сумата која се наплаќа од парите на граѓаните е драстично поголема и неоправдана. Дали е тоа за да се плати можеби некоја изборна кампања, ќе видиме. Од документите кои ги имаме се гледа дека земјените работи, односно рачен ископ за откривање на главна водоводна мрежа, во 2017-тата година чинел 250,55 денари по м2, сега чини 797,36 денари по м2 или 3,2 пати повеќе, истакна Арсовски.
Тој посочи дека постапката е криминална и треба да има одговорност за сите инволвирани, за тоа како вовеле фирма во работа, дали ја вовеле и зошто таа фирма сработила без да биде избрана на тендер. А, дури два месеци откако ги завршила градежните зафати односно реконструкција на водоводна мрежа на улица „Варшавска“, потоа распишале тендер, и токму таа ја одбрале. Што самото по себе покажува дека тендерот бил наместен токму за фирмата КБК Инженеринг и Кодинг 2 која што е дел од рамковната спогодба.
– Дополнително е сомнителна и криминална затоа што цените кои што се плаќани по стапки алудираат на неверојатна несразмерност. Што уште еднаш покажува дека два ипол пати повеќе е преплатено во однос на реконструкција на иста таква улица по пропорција во 2017-тата година. Што покажува дека се испумпани голем број на пари од ЈП Водовод. ЈО и Вилма Русковска каде што е поднесена кривичната пријава и доставени доказите да не чекаат и да постапат веднаш, имаат доволно докази и повеќе од што треба за веќе директорот на ЈП Водовод, и градоначалникот на Град Скопје, да бидат дел од истрага. Наместо тоа, наместо да водат истрага за сериозен криминал тие вршат притисок кон политички неистомисленици и кандидати од опозицијата за што бевме сведоци вчера на еден смешен случај, потенцираше Арсовски.
Според него наместо да го гонат криминалот за кој што им доставуваме докази тие отвораат случај каде што се увидело уште пред 10 години дека не постои никаков случај.
– Класични конструкции се со цел да се наштети на кандидатите на ВМРО, а наспроти тоа да се заштити криминалот на СДСМ, додаде тој.