“Да го погледнеме репрезентативниот состав на македонската фудбалска селекција, кој е еден вид на етнички шаренолик калеидоскоп, но ги краси заедништво, сплотеност, сила, воља, енергија и меѓусебна хармонија за остварување на заедничката цел: победа за Македонија. Така треба да се однесуваме на секое поле за да имаме севкупен од сите можни аспекти успех за нашата заедничка држава“-вели политикологот Благојче Атанасоски.
Ако официјалната статистика за Пописот 2021 која ќе се објави во среда, се потврди со неофицијалните податоци за процентот на етничка припадност, тоа ќе биде само уште една „огромна, грамадна и блескава“ победа на албанстовото кај нас, секако „благодарение на ДУИ, вели Атанасоски.
За жал, додава Атанасоски со секој попис се создаваат тензии каков ќе биде соодносот меѓу Македонците и Албанците!
Тоа е доказ, дека се уште не сме созреано демократско и граѓанско општество, туку се уште сме заглавени во етничко-племенската подвоеност на општеството.

Лидер: Што ќе променат бројките од пописот доколку се потврдат информациите кои протекоа деновиве дека според етничката припадност ДЗС преброи 62% Македонци, 29,5 Албанци и околу 10 проценти припадници на останатите заедници?

– Во држава која е членка на НАТО и претендира да стане полноправен член на ЕУ, етничкиот сооднос на населението не треба да биде „национална преокупација“, туку обична фиксна статистичка операција. За жал, политичките елити кај нас, три децении ги злоупотребуваат етничките бројки од пописите, за своја цел. Најчесто да манипулираат со чувствата и емоциите на граѓаните, и тоа да го прогласат како победа или пораз, во зависност од етничката диоптрија со која се гледаат резултатите. Ако е точен овој податок, ова ќе биде само уште една „огромна, грамадна и блескава“ победа на албанстовото кај нас, секако „благодарение на ДУИ“. На практика, нема ништо да значи и смени. Етничката албанска заедница одамна кај нас ги доби јазичните, националните и културолошки права, согласно одредбите од Охридскиот рамковен договор, и според мене во тој Договор, има систематски фелер, т.н процент од 20%, за да бидат овие права функционални. Оттука се создаваше атмосферата дека некогаш ако Албанците паднат под 20%, тоа ќе значи одземање на веќе нивните стекнати права. Тоа е нон сенс и глупост и тоа се иреверзибилни (неповратни) процеси.

Лидер: Неофицијалните информации во себе го вклучуваат процентот на изјасети граѓани и од дијаспората. Ако се тргне на страна бројот на попишани во дијаспората, процентот на македонски резиденти изнесува од 63 до 65 отсто, Албанци 24, 7 % што претставува пад од 1 процент во однос на пописот од 2002 година. Треба ли дијаспората да биде вклучена во домашниот попис и со својот процент да ја креира македонската политика? Или пак тата статистика треба да се однесува само на исселени граѓани од Македонија?

– Дијаспората треба да биде вклучена на ниво само да го помогне економскиот, стопанскиот, културолошкиот ако сакате и меѓународниот статус и позиција на Македонија во светски рамки, никако да биде активен чинител во креирањето на домашната политика, бидејќи ќе биде злоупотребена од политичките елити за нивни цели и партиски интереси. Мене ме фрустрира, што триесет години подоцна, се уште зборуваме за етнички бројки, етнички сооднос, и на сето тоа да се дава нота на „победа на едните на другите“, наместо да ја насочиме енергијата за подобрување на севкупните општествени сфери на живеење од кои ќе имаме бенефит сите, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите останати други. Да го погледнеме репрезентативниот состав на македонската фудбалска селекција, кој е еден вид на етнички шаренолик калеидоскоп, но ги краси заедништво, сплотеност, сила, воља, енергија и меѓусебна хармонија за остварување на заедничката цел: победа за Македонија. Така треба да се однесуваме на секое поле за да имаме севкупен од сите можни аспекти успех за нашата заедничка држава.

Лидер: Дали пописот во Македонија е статистичка или политичка операција?

-Треба да биде статистичка, но за жал кај нас е политичка операција, бидејќи етничките политички елити (читај: партии) го злоупотребуваа за нивни личен партиски интерес, особено вечно-владејачката ДУИ. Да не заборавиме минатиот попис, пред десетина години пропадна, токму поради „несогласување“ околу етничкиот сооднос на бројките, и ние бевме единствена земја со Сомалија (распаднатата земја на рогот на Африка), во целиот свет без спроведена пописна операција. Доколку сакаме да станеме полноправна членка на ЕУ, недозволиво е да проблематизираме една операција која и по форма и во суштина е само статистичко пребројување, и да и даваме етничка конотација. Пописот треба да се спроведе исклучиво за да се направи „ренген снимка“ на населението, да се утврдат потенцијалите за идниот општествен развој, но и да се нотираат теренските слабости, каде што државата ќе има за нужно да интервенира. Мислам на тоа кои региони се иселени, каде има потреба од градење на дополнителна инфраструктура, што му недостига на одреден регион за да биде развоен и функционален. Наместо кон оваа вистинска цел од еден попис ние да ја насочиме нашата енергија, секој попис создаваме тензии во воздухот каков ќе биде соодносот меѓу Македонците и Албанците и тоа прашање е на пиедесталот. Тоа е доказ, дека за жал се уште не сме созреано демократско и граѓанско општество, туку се уште сме заглавени во етничко-племенската подвоеност на општеството.