На предлог на Босна и Херцеговина, а со поддршка на Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала,  Македонија и Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион, во Кина добија дополнителен рок од две години за да ги исполнат препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО.

За само еден месец, поточно до 1 февруари 2022 година двете држави мора до УНЕСКО да достават извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот регион.

Во ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство во Кина беше нагласено дека Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) инсистираат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни рокови за анулирање на постоечките закани.

Истовремено се бара планот да се темели врз препораките на Реактивната Мониторинг мисија од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион.

Со одлуките од Кина се бара од  Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на посочените забелешки. Во документот се нотира дека доколку до 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО не бидат анулирани постоечките закани по Охридскиот регион и неговите исклучителни вредности, останува отворена опцијата за поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Во останатиот дел од одлуката се посочува дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Најголема загриженост Комитетот искажува по однос забелешките од Заедничката мониторинг мисија од 2020 година, а кои укажуваат на недоволно спроведени активности за запирање на бавната, но континуирана ерозија на атрибутите што го детерминираат регионот како Светско културно и природно богатство.

Светската организација изрази отворена загриженост по однос изградбата висококатници на крајбрежјето, слаба архитектонска контрола на новоградбите во градските јадра, но и во останатиот дел од регионот, како и несоодветното и прекумерно искористување на крајбрежјето со несоодветна туристичка инфраструктура што мошне негативно се одразува врз заштитеното добро. Загриженост се искажува и по однос недоволно утврдените приоритети во развојните политики, спротиставени ставови, недоволна вклученост на граѓанскиот сектор во креирањето политики и донесувањето одлуки и мерки, што сето во комбинација резултира со фрагментиран и несоодветен систем на управување со светското наследство.

На Сесијата во Кина меѓу останатото беа нотирани активностите што ги спровеле институциите на  Македонија во насока на отпочнување на процесите за исполнување на препораките на Комитетот. Како позитивни процеси се посочени процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Студијата за ревалоризација на регионот, иницираниот процес на прогласување на Студенчишкото Блато за Парк на природата. Притоа се бара тие процеси да бидат искористени во насока на креирање функционални управувачки структури и притоа целосно интегрирани во процесите на планирање и управување со доброто.

Работите во периодот пред Годишниот состанок на УНЕСКО во Кина се помрднаа од мртва точка, спроведени беа одредени активности, се отстрануваа дивоградби и урбана опрема од крајбрежјето, но остана генерално како впечаток дека се работи бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност.

Проектот за реконструкција на Кејот на езерото во градот што предвидуваше дополнителен зафат во литоралниот дел на езерото, мегаломанскиот нацрт-проект за изградба на марина за пловни објекти во Студенчишкото блато, примерите со несоодветното стопанисување со рибниот фонд во езерото заедно со рибокрадството, нерегулираните концесии за плажите недвосмислено ја потврдуваат негативната практика за дополнителен антропоген притисок врз и онака преоптоварениот еко-систем. Таквите примери оставаат впечаток на дилетантизам, отсуство на познавања за потребата од систематски приод во справувањето со проблемот, што е далеку од доменот на одговорно општествено управување со еден таков светски природен резерват стар повеќе од два милиони години.

Оттаму и барањата на еколошките здруженија, активистите за заштита на животната средина, езерото и регионот да бидат поместени на листата светски богатства во опасност, со забелешка дека на тој начин ќе се активираат одредени механизми, па и фондови за поголема заштита на регионот од факторите што довеле до негово загрозување.

Смената на власта во Охрид после локалните избори не значи прекин во континутетот на спроведувањето одлуки врзани за препораките на УНЕСКО. Новоизбраниот градоначалник Кирил Пецаков се изјасни дека останува посветен на заложбите за зачувување на статусот на градот и на регионот во УНЕСКО, но истовремено посочи дека ќе треба да се најде начин за економски да се стопанисува со крајбрежјето односно да се уреди легислативата дел од плажите да бидат уредени од страна на самата Општина, а потоа да бидат издавани под краткорочни концесии. Тој имаше средби со претставници на еколошките здруженија и неформални движења, со министерката за култура, па и со странски дипломати во земјава, на кои протоколарно беше посочено дека Локалната самоуправа останува посветена на статусот во УНЕСКО, но без конкретни изјави и најави што е следно на агендата за исполнување на препораките од реактивните мисии…

Инаку, гледано без розеви очила, УНЕСКО од Кина неависно продолжениот рок за постапување по препораките без пардон ни го плесна в лице она што сите ние го знаеме ама упорно го туркаме под тепих зашто ни боде очи. Се е онака како што и впрочем и самите си знаеме, а светот само го констатира, дека не сме способни да раководиме со нешто што случајно ни е оставено како природна реткост, ниту да се грижиме за статусот за кој некој во минатото макотрпно се изборил…

Реалната закана дека Охрид и Охридското Езеро ќе бидат префрлени на Листата светски природни и културни богатства во опасност отворено ни укажа дека ние сме опасноста, дека ние не сме домаќини, дека ние не знаеме да се грижиме за заедничкото, дека езерото и градот ги третиравме како нешто за чија заштита е задолжен некој друг, некој друг да му бери гајлето.

На повеќето луѓе во Охрид, па и во државата, изгледа воопшто и не им е јасно колкав труд и напор, купишта хартија, илјадници страници издржана документација, внимателно собиран материјал е потребно за нешто да влезе на листата заштитени богатства на УНЕСКО, се разбира покрај неприкосновените атрибути што мора самиот локалитет или природна реткост да ги поседува за воопшто и да се разгледува некаков иден заштитен статус. И не требаше многу време, 30 години ни беа потребни да покажеме дека не сме кадарни да се грижиме за нешто што светот го препознал и признал како исклучителна природна и културна вредност …

Дури и оние што се задолжени да се грижат за статусот на Охрид и езерото отворено си кажуваат дека ова ни се случува заради покажаната негрижа, децениска непосветеност во заштитата на природните и историските вредности, дека за лични, краткорочни најчесто лукративни интереси се запоставува универзална вредност каква нема никаде на друго место на планетата…

Цели села се изградија од крадење риба, влегуваа во езерото и со кајче и со подземни простории узурпирајќи му го просторот на езерото, за после истите да кукаат како нема риба или при бран им се поплавуваат куќите што самите ги изградиле каде не им е местото.

Угостителите сами отворено велат, ние од УНЕСКО не можиме да живееме, мора да работиме…Како да им се објасни дека никој нема да влезе да потроши жолта банка во локал поставен на брег на баруштија полна со комарци каква што е извесната судбина на Охридското Езеро доколку продолжи неговата деградација предизвикана делумно и од такви ставови.

Во Охрид летово беа затворени угостителски објекти долж крајбрежјето, но во Струга тоа не се стори. За потоа токму поради затворените кафеани, дел од плажите да се претворат во депонии на смет и фекалии од гостите и туристите кои немааат каде да одат по нужда или да ја одложат амбалажата на она што го понеле со себе за пиење или јадење.

Ете ја вистината во кажаното дека две години бргу ќе поминат. Извесно е дека статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО ќе остане, неговата универзална вредност не е доведена во прашање, но сепа останува надежта дека најде на Листата светски природни и културни вредности во опасност.