Приведување и контрола на објектот
Српскиот пејач Аца Лукас синоќа бил приведен за време на настап во Кавадарци, а Министерството за внатрешни работи официјално го соопшти случајот, откако во јавноста се појавија бројни шпекулации за причините за апсењето.
Лукас бил приведен околу 00:10 часот, додека настапувал во угостителски објект каде вршеле контрола повеќе институции. На терен излегле полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, како и претставници од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи.
„Констатирано било дека во угостителскиот објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола. Против А.В е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му е изречена парична казна“, информираат од МВР.
Прекршоци откриени за време на контролата
При истата контрола се констатирани и други прекршоци: УЈП утврдила дека не е издадена фискална сметка, биле забележани прекршоци согласно Законот за пушење, а Државниот пазарен инспекторат утврдил дека во објектот бил присутен поголем број гости од дозволениот капацитет. За сите овие прекршоци ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Министерството за внатрешни работи нагласува дека, во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите.
