Австралискиот здравствен систем е под зголемен притисок бидејќи бројот на нови инфекции со коронавирус трет ден по ред ги надминува рекордите, а расте и бројот на хоспитализирани и оние кои сакаат да се тестираат.
Речиси 53.000 нови случаи на зараза со Ковид-19 се пријавени во Нов Јужен Велс и Викторија, најнаселените држави во Австралија, а бројот на хоспитализирани во двете држави е десет отсто поголем од претходниот ден.
Властите предупредуваат дека бројките ќе продолжат да растат во текот на следните неколку недели. „Ни претстојат неколку предизвикувачки недели“, истакна заменик-министерката за здравство на Нов Јужен Велс, Сузан Пирс.
Премиерот Скот Морисон најави дека на средба со државните и локалните лидери ќе разговара за мерки за ублажување на кризата.
Тој ја отфрли можноста за кофинансирање на повеќето домашни тестови, нагласувајќи ја улогата на „лична одговорност“.
Официјални лица од Нов Јужен Велс велат дека набавиле милиони брзи антигенски тестови и бараат од федералната влада да ги кофинансира. Викторија нарача уште 10 милиони тестови, а првата пратка би требало да пристигне за неколку дена.
Што се однесува до другите делови на Австралија, Тасманија пријави 867 нови случаи, а останатите држави треба да ги објават податоците до крајот на денот.
Од почетокот на пандемијата, земјата има регистрирано повеќе од 600.000 заразени и 2.290 смртни случаи.