Бајден рече дека ја поддржува целта на Конгресот да објави што е можно повеќе информации за потеклото на коронавирусот, но додаде дека неговата администрација ќе ја има на ум националната безбедност кога ќе одлучува кои информации ќе бидат објавени
Минатиот месец директорот на Федералното биро за истраги (ФБИ), Кристофер Вреј, изјави дека Бирото проценило оти ковид-19 најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан – градот од каде што вирусот започна да се шири, по што прерасна во глобална пандемија
Американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон со кој се бара од директорката на Националната разузнавачка служба да ги декласифицира документите поврзани со потеклото на ковид-19, објави Белата куќа.
Бајден рече дека ја поддржува целта на Конгресот да објави што е можно повеќе информации за потеклото на коронавирусот, но додаде дека неговата администрација ќе ја има на ум националната безбедност кога ќе одлучува кои информации ќе бидат јавно објавени.
„При спроведувањето на оваа легислатива, мојата администрација ќе декласифицира и ќе сподели што е можно повеќе од овие информации, во согласност со моето уставно овластување да го заштитам откривањето на информации што би ѝ наштетиле на националната безбедност“, рече Бајден.
Пред да биде испратен во Белата куќа, предлог-законот беше усвоен во Сенатот и во Претставничкиот дом на САД.
Во Вашингтон се дебатира за потеклото на пандемијата со коронавирусот уште откако беа пријавени првите позитивни ковид-случаи во кинескиот град Вухан кон крајот на 2019 година.
Дебатата на оваа тема уште повеќе се поттикна минатиот месец, кога директорот на Федералното биро за истраги (ФБИ), Кристофер Вреј, изјави дека Бирото проценило оти ковид-19 најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан – градот од каде што вирусот започна да се шири, по што прерасна во глобална пандемија.
Претходно, американското Министерство за енергетика, исто така, изјави дека пандемијата на коронавирусот е предизвикана од инцидент во кинеска лабораторија.
Пекинг ги негираше ваквите тврдења, а како одговор на наодите на ФБИ го обвини Вашингтон за политичка манипулација.