Побарувачката од дата-центрите и одбранбената индустрија, најавените американски царини и падот на производството го туркаат металот кон рекордни нивоа.

Цената на бакарот на Лондонската берза за метали достигна рекордно ниво, поттикната од зголемената побарувачка и очекувањата дека понудата ќе остане ограничена. Бакарот е особено баран поради растот на дата-центрите, одбранбената индустрија, електричните мрежи и градежниот сектор.

На берзата денеска еден тон се тргуваше за 14.642,50 долари, откако вчера цената достигна 14.708,50 долари.

Растот на цената се забрза по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека од следната година ќе биде воведена царина од 15 отсто за бакарот, која во 2028 година треба да се зголеми на 30 отсто.

На пазарот дополнителен притисок создава и падот на производството. Според податоците на Меѓународната група за истражување на бакарот, производството во првата половина од годината се намалило за 1,1 отсто.

Падот е особено изразен кај два големи производители. Чилеански „Коделко“ произвел 11 отсто помалку бакар во првите шест месеци од годината, додека американскиот „Фрипорт-МекМоРан“ забележал пад од 20 отсто.

Дополнителен фактор се и промените во рударскиот сектор во Африка, каде што повеќе влади бараат поголем удел во домашното рудно богатство и поголема контрола врз производството.