Криминална банда, со арапско-турски состав, со години наназад преку измами и изнуди земала пари од германски државјани, главно постари лица, а во периодот од 2018 до 2020 година успеала да „собере“ над 120 милиони евра, јави денеска германскиот јавен сервис АРД.

„Според информациите на покраинските канцеларии за борба против криминалот, оваа банда со трикот за „лажни полицајци“ ограбувала пари, накит и злато вредни над 120 милиони евра“, пренесува АРД.

Канцелариите за борба против криминалот регистрирале над 154.000 обиди за измама низ Германија, од кои криминалците биле успешни во 10.500 случаи. Во повеќето случаи, жртвите се постари граѓани.

Криминалистите сметаат дека бројот на измамени граѓани е многу поголем, но дека многумина од срам не пријавиле дека се жртви на измами.

Во моментов во турскиот град Измир им се суди на 81 обвинет, кои се осомничени дека се јавуваат на броеви во Германија преку специјално организирани центри за повици во Турција и се претставувале како полицајци.

На граѓаните им било предлагано да ги предадат своите вредности, што ги чувале дома, на „полицајци“ кои ќе ги посетуваат во нивниот дом, вклучувајќи и на членовите на бандата, наводно поради бројни кражби во соседството.

Членовите на бандата, кои работеле во кол центрите се претежно турски државјани кои живееле и израснале во Германија и затоа зборуваат германски без странски акцент.

Бандата главно се концентрирала на Берлин, Бремен и Северна Рајна-Вестфалија.

Турските власти соопштија дека во текот на истрагата заплениле 105 милиони евра пари и недвижен имот, од кои дел од парите би можеле да им бидат исплатени на жртвите во случај на пресуда.

Парите украдени од германските граѓани делумно биле инвестирани во туристички објекти на турското крајбрежје.