Струмичките земјоделци и денеска повторно излегоа на протест. Тие се незадоволни од откупната цена на црвената пиперка позната како „ајварка“, која најчесто се користи за подготовка на ајвар.

Како што објави „Струмица Денес“, производителите бараат повисока откупна цена, посочувајќи дека сегашните услови не ги покриваат вложувањата и трошоците за производство.

На протестот земјоделците носат транспаренти преку кои го изразуваат револтот од состојбата со откупот. Дел од пораките се насочени кон откупувачите и трговците, а производителите предупредуваат дека со ниските цени земјоделското производство станува сè понеисплатливо.

Ајварката е една од најзначајните земјоделски култури во Струмичкиот Регион, а периодот на откуп е клучен за приходите на голем број семејства кои живеат од земјоделство.

Протестот следува по незадоволството што земјоделците го изразуваат поради цената по која годинава им се откупува родот.

Извор и фото: Струмица Денес