пишува: Трифун КОСТОВСКИ
Барам да се отвори истрага за стечајот на Еуростандард банка, бидејќи во многу сегменти за нејзиното носење во стечај имаме силни аргументи дека се работи за организиран криминал.
Образложението ќе го наведам во неколку точки:
1. Народна банка на Македонија, има 4 силни алатки во нејзиното функционирање, а тоа се:
-Редовни мерки
-Вонредни мерки
-Администрација
-Стечај
Во случајот со Еуростандард банка, Народна банка ги користеше алатките редовни мерки и делумно вонредни. Велам делумно, бидејќи во вонредните мерки се подразбира и одземање на високи позиционирани лица , лиценца за работа или учество во тело. За жал такво нешто во историјата на Еуростандард банка никогаш се нема случено.
Мерката администрација како алатка за стабилизација на банката беше прескокната и директно се случи стечај.
Констатирам не почитување на процедури од страна на Народна банка, а зошто тоа не го направиле, сметам дека вие како независно тело во РМ треба до ситници да го испитате.
2. Ковид- 19 и вонредна ситуација
Пред стапување на вонредната ситуација на Еуростандард банка од страна на Народна банка и беше одземено правото да работи со физички и правни лица. Со стапувањето на вонредната ситуација, која траеше вкупно 97 дена ни се забрани со закон да вршиме присилна наплата како банка на доспеаните или отпишани побарувања, кои секој месец изнесуваа меѓу 2,5-3,0 милиони евра наплатени средства.
Во истиов период на вонредна ситуација Техничката Влада носи уредби со сила на закон со кои цитирам: Уредба објавена во Службен весник од 24 Март 2020 година вели: нема покренување на стечај на било каков правен субјект, минимум три месеци после завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба од тогашната Техничка Влада сега објавена на 29 Мај 2020 година, се поништува предходната уредба што практично значи стечај веднаш, а единствен правен субјект кој отиде во стечај е Еуростандард банка. На повеќекратните мои јавни прозивки до Премиерот на Техничката Влада, Оливер Спасовски да даде објаснување зошто во кус период се носат две контрадикторни уредби, до денес не ме удостои со одговор. Вие, Антикорупциска Комисија, имате легитимно право да го поставите ова прашање и да ви се даде одговор.
3. Во Февруари 2020 година, докапитализиравме 11 милиони евра во Еуростандард банка со цел да истата ја спасиме и адекватноста на капиталот кон крајот на Март 2020 година беше 6,55%. Одземената лиценца за работа со правни и физички лица и забраната од Владата за присилна наплата поради вонредната состојба, по весела математика направена од страна на Народна банка ја донесе банката под загарантираното ниво на адекватност на капитал. Не земањето во обзир на пнадемијата Ковид-19 која се уште, беснее во светот , вонредната ситуација од цели 97 дена каде ни беше одземено правото за присилна наплата и беше логично да ни се даде минимум толку период да ја докапитализираме банката. За жал за сите правни и физички лица пандемијата и вонредната состојба важеше, само не важеше за Еуростандард банка.
4. И покрај вонредната ситуација ние, акционерите на Еуростандард банка, обезбедивме стран инвеститор, кој беше спремен да вложи во банката со цел во догледно време да ја превземе. Инвестоторот е мошне добро познат на Народна банка кој направи сопствен due diligence во банката и бараше прием на разговор во Народна банка со цел да се изнајде солуција за иднината на Еуростандард банка. Потенцијалниот инвеститор беше комплетно проверен од структурите на Народна банка и немаа никакви замерки за неговото влегување во структурата на акционери во Еуростандард банка.
За жал, овој потенцијален коинвеститор не беше удостоен од страна на Народна банка со ниту едно кафе муабет.
Почитувани, ви дадов доволно материјал да почнете да се занимавате со вашата вистинска функција во ова општество.
111-место на листата од 180 земји во светот по криминал и корупција е засрамувачки за нас граѓаните на РМ, а посебно за вас како повикано со закон тело да се бори против овие аномалии.
Инсистирам, симнете ги прангите од институциите на власт и почнете да се занимавате со вистинските проблеми во земјата. Само така ќе го оправдате вашето постоење и вашата посветеност.
Почитувани,
Доблеста кај поединецот е во правото да избере посебно за фелата на адвокати, дела кои можат да ги бранат и се сигурни или убедени дека нивниот клиент е во право.
Доколку тоа го прават само од интерес, а се длабоко убедени дека нанесуваат штета на поединци, групи на луѓе и целото општество, тогаш би требало да заклучиме: Господинот Стеван Павлески кој е адвокат и ја застапува Народна банка ги става својот углед и угледот на професијата на коцка. Последиците кои ги чувствуваме не само ние бившите акционери на Еуростандард банка, туку и оштетените коминтенти на Еуростандард банка, се резултат на тоа што тој го вперува прстот во нас акционерите како виновници за криминалот кој се случи во Еуростандард банка, а каде што Народна банка, е извршител на овој грозоморен чин.
Господине Павлески, тука завршува мојот респект кон вас како човек и афирмиран адвокат. Се ставивте во улога на “адвокат на ѓаволот”.
Можете да искажете илјада оправдувања за вашиот ангажман, меѓутоа во случајов се работи за образ и достоинство за што бев убеден дека го имате. На ваша иницијатива, Јавното обвинителство ми го замрзна сиот имот и активности на фирмите кои што стопанисуваа, иако и самите сте свесни дека оваа мерка не е издржана. Нека ви служи на чест.
Почитувани пријатели, се извинувам што прв пат се обраќам директно на поединец, вмешан во случајот Еуростандард банка. Би сакал да биде последен пат, меѓутоа јавноста мора да ја знае генезата на организаторите, соучесниците и помагачите на ова злосторство.