Предвремени парламентарни избори или граѓанска непослушност – студенти и граѓани во Белград поставуваат ултиматум до власта
Белград, 27 јуни – Предвремени парламентарни избори или граѓанска непослушност – тоа е ултиматумот што денеска го испраќаат студентите и граѓаните во српската престолнина. Белград попладнево ќе биде преплавен од демонстранти, кои од повеќе локации ќе се упатат кон плоштадот Славија, каде ќе се одржи масовен протест.
Два барања – распуштање на парламентот и вонредни избори
Денешниот собир е кулминација на повеќемесечните студентски демонстрации. Организаторите поставија два јасни барања: распуштање на српското Собрание и распишување предвремени избори, како и прекин на протестниот камп во Пионирски парк. Ако до 21 часот вечерва не бидат исполнети барањата, организаторите предупредија дека ќе следи фаза на граѓанска непослушност со неизвесен развој.
Правникот и универзитетски професор Бојан Пајтиќ протестот го нарече пресвртница и порача дека властите мора да го слушнат гласот на граѓаните.
„Додека овие луѓе се на власт, не можеме да се наречеме безбедна, модерна или европска држава. Денес треба да покажеме решителност и храброст. Конечно се чувствувам како на 5 октомври. Не е важно што ќе се случи со мене, важно е што ќе испратиме порака дека денес сме мнозинство Србија“, изјави Пајтиќ.
Вучиќ: „Ќе има насилство, но државата е спремна“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одговори дека протестите се „бесмислени“ и најави можна ескалација.
„Ќе има насилство. Тие не можат да го избегнат тоа. По наши процени, од 21 часот ќе има инциденти, но државата е подготвена. Нема да има ништо важно, не се плашиме, ќе ја одбраниме државата“, рече Вучиќ, спомнувајќи ги опозициските фигури со подбив.
Колони граѓани се движат кон Белград
Граѓани од цела Србија веќе се упатуваат кон Белград. Во Нови Сад, пак, се најавени паралелни собири, меѓу кои и 16-минутен молк во чест на шеснаесетте загинати во несреќата со падот на настрешница, меѓу кои имаше и македонски државјанин.