Во својот прв говор пред Генералното собрание на ОН, Бенет оцени дека Иран се обидува да се стекне со доминација на Блискиот Исток под „нуклеарен чадор“ и повика на посилни меѓународни напори за запирање на иранските нуклеарни активности.

Иранската нуклеарна програма е на крстопат. Сите црвени линии се преминати, инспекциите се игнорирани. И сето тоа им минува, рече Бенет, кој во јуни оваа година стави крај на 12-годишното владеење на Бенјамин Нетанјаху како претседател на владата.

Тој, исто така, стави до знаење дека Израел може да дејствува и еднострано против Иран.

Иранската нуклеарна програма е на пресвртница, како и нашето трпение. Зборовите не можат да го запрат вртењето на нуклеарните центрифуги, рече Бенет.

Тој посебно побара американскиот претседател Џо Бајден да заземе построг став кон исламскиот режим во Техеран.

Бенет се противи на напорите на новата американска администрација насочени кон враќање во рамката на меѓународниот нуклеарен договор меѓу големите сили и Иран од 2015 година.

Под раководство на Доналд Трамп, САД се повлекоа од договорот во 2018 година.