Лидерот на албанската опозиција, Сали Бериша, денеска соопшти дека Соединетите Американски Држави го избришале од листата на непожелни лица, на која беше ставен пред пет години. Сепак, засега нема официјално соопштение од Стејт департментот со кое се потврдува целосното укинување на санкцијата.

„Готово е, тука сум“

Бериша пристигна во албанскиот парламент со насмевка, а од собраниската говорница порача: „Готово е, тука сум“. Неговата изјава беше поздравена од пратениците на Демократската партија и од претставниците на Партијата на слободата на Илир Мета.

Информацијата дека повеќе не е „персона нон грата“ за САД ја објави самиот Бериша, кој пред влегувањето во парламентот не одговараше на новинарски прашања.

Санкцијата беше воведена во 2021 година

Американскиот Стејт департмент на 19 мај 2021 година го стави Бериша и членовите на неговото семејство на листата на непожелни лица, со што им беше забранет влез во САД.

Тогашната одлука беше образложена со обвинувања за вмешаност во корупција и поткопување на демократијата во Албанија. Во јуни истата година Бериша беше прогласен за непожелно лице и од Велика Британија.

Илир Мета ја поздрави информацијата

На објавата на Бериша реагираше и лидерот на Партијата на слободата, Илир Мета, кој се наоѓа во затворски притвор. Тој наведе дека останува на истиот став како и пред пет години, оценувајќи дека одлуката претставувала заговор насочен кон уништување на политичкиот плурализам во Албанија и нарушување на односите со САД.

Мета е во притвор од октомври 2024 година и се товари за пасивна корупција, перење пари и прикривање имот, а Специјалниот апелационен суд ги отфрлил неговите барања за ослободување.