Осум возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата. Постапувањето на полициските службеници уследило поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик, соопштија надлежните од Министерството за внатрешни работи.
Шестмина од приведените управувале моторно возило без положен возачки испит. Станува збор за Б.Р. (36) од тетовското село Слатино, З.С. (34) од Кичево, 40-годишната Д.Т. од гевгелиското село Миравци, Е.Б. (24) и двајца 17-годишници од Скопје.
Дополнително, полициските службеници извршиле службен разговор со 14-годишник од Велес, во присуство на негов родител, бидејќи малолетникот управувал мопед без возачка дозвола.
Меѓу приведените се и В.К. (44) од Скопје и Н.С. (26) од Охрид, кои управувале со моторно возило и покрај тоа што имале активна прекршочна забрана за управување.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на поединечните случаи против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
