Полициски службеници во текот на изминатото деноноќие, на различни локации низ државата, лишија од слобода вкупно 16 возачи, од кои петмина се малолетници, поради основано сомнение за сторено кривично дело безобѕирно управување со моторно возило предвидено по член 297-а од Кривичниот законик.

Од вкупно приведените, 10 лица управувале моторно возило без претходно положен возачки испит, при што се идентификувани 18-годишниот Б.Б. од Скопје, 18-годишниот З.К. од селото Сливник, општина Чашка, 46-годишниот М.М. од селото Томино село, Македонски Брод, 28-годишниот М.Н. од Кичево, 30-годишниот Р.А. од селото Церово, тетовско, кој претходно учествувал во сообраќајна незгода, како и пет малолетни лица од Скопје и скопскиот регион.

Под дејство на алкохол управувале 50-годишниот А.Б. од Прилеп, 35-годишниот П.В. од Охрид, 19-годишниот М.Ц. од Пробиштип, 44-годишниот М.Х. од Тетово и 49-годишниот Б.Ш. од тетовското село Сараќино, кои претходно биле инволвирани во сообраќајна незгода, додека кај 22-годишниот А.Љ. од селото Ларце, тетовско, била констатирана претходно изречена активна забрана за управување со возило.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на сите поединечни случаи, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежното јавно обвинителство.