Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи се сретна со делегацијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предводена од Фриц Башмаир, која оствари средби со повеќе институции кои имаат надлежност во доменот на буџетските расходи.
Како што соопшти владината прес-служба, целта на посетата е да слушне од прва рака за состојбата со буџетските расходи, поконкретно за т.н. прегледи на расходи (Spending reviews), како увертира на теренската мисија на ММФ во Скопје најавена за септември.
Башмаир го информирал вицепремиерот Битиќи дека ММФ веќе има работено со неколку земји на имплементација на буџетските расходи како алатка за подобрување на услугите на Владата преку наменско и транспарентно трошење на јавните средства.
Вицепремиерот Битиќи од негова страна се заблагодарил за интересот на ММФ за институционализирање на оваа функција во земјава. Ја информирал делегацијата на ММФ дека Македонија веќе три години работи за изготвување на Националната развојна стратегија (НРС), која наскоро треба да биде изгласана во Собранието, со што преку прегледот на расходи како алатка, секое министерство на транспарентен начин ќе ги троши буџетските средства според претходно утврдените приоритети за трошење.
Битиќи, како што се наведува во соопштението, рекол дека поддршката на ММФ во делот на буџетските расходи е многу важна, бидејќи транспарентното трошење на буџетските средства претставува стратешки приоритет на оваа Влада.