Фокус на микро и малите бизниси како мотор на локалниот развој
Во Општина Карпош се одржа панел-дискусијата „Подобрување на бизнис климата во Општина Карпош“, на која присуствуваа повеќе од 300 учесници, најголем дел сопственици на микро и мали бизниси. Настанот се одржа во просториите на Кинотеката на Македонија и отвори простор за дебата меѓу претставници на локалната заедница, академијата и државните институции.
На панелот говореа Сотир Лукровски (дипл. економист, бизнисмен и кандидат за градоначалник), м-р Марјан Ристески (заменик-министер за економија), проф. д-р Сашо Арсов (Економски факултет – УКИМ), Агрон Фазлији (претседател на Занаетчиската комора) и стопанственикот Димитар Поповски.
„Компаниите се наши соседи и партнери – општината мора да биде сервис, не бариера“, порача Лукровски, најавувајќи дигитални услуги, поддршка за МСП и јавно-приватни партнерства. Од централно ниво, Ристески нагласи дека дигитализацијата и ефикасната администрација се темел на локалниот развој.
Професорот Арсов потсети дека образованието мора да се усогласи со потребите на пазарот на труд, додека Фазлији повика на пониски фирмарини и таргетирани мерки за микро и малите фирми. Поповски, пак, нагласи дека претприемачите очекуваат конкретни решенија, а не само декларативна поддршка.
Заклучокот од панелот е дека Карпош има потенцијал за економски скок преку координација на општината, бизнисот, академијата и државата со јасни приоритети и практични решенија што ќе создаваат нови работни места и ќе ја зајакнуваат локалната економија.