Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаше работна средба со делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од нејзиниот претседател Бранко Азески, на која се разговараше за зајакнување на соработката на полето на евроинтеграциите и учеството на бизнис секторот во процесот на преговори.

На средбата, како што информираат од Стопанската комора, Азески потенцира дека Комората во процесот на преговорите со ЕУ има клучна улога, имајки предвид дека транспонирањето на регулативата и обврските кои ќе се преземат треба да ги имлементираат самите компании.

Тој истакна дека е потребна департизација на институциите, а како пример го наведе Државниот завод за статистика, кој, како што реќе, има клучна улога во оценката на реалните параметри на државата.

Истовремено, на средбата Азески нагласи дека бизнис заедницата очекува земјата во преговарачкиот процес временски да го усогласи прилагодувањето со ЕУ регулативата и да не презема обврски кои имаат финансиски импликации за компаниите, ако тоа не е потребно, односно ако може да се одложи за одреден временски период.

Според Комората, вицепремиерот Маричиќ, кој е и главен преговарач на земјава со ЕУ, информира дека во декември ќе биде организирана јавна расправа за економските поглавја и кластери, каде што анализите и инпутот од бизнис заедницата имаат огромно значење за државата.

– Со цел што е можно подобро исполнување на обврските, во следниот период ќе се врши подготовка за вклучување на претставниците на бизнис заедницата во работните групи кои се однесуваат на поглавјата поврзани со слободното движење, трговските марки, индустријата, либерализација на пазари во одредени области (како железницата, поштата) и системот на државна помош. Комората ќе го поткрепува целиот процес на преговори со соодветни анализи и консултации со засегнатите компании како поддршка на нивните барања, се вели во соопштението од Комората.

На состанокот е заклучено дека улогата на коморите, посебно на Стопанската комора на  Македонија, како највлијателна бизнис заедница, во процесот на преговарање со ЕУ е од голема важност, бидејќи имаат клучна врска со компаниите и ќе обезбедат транспарентност на процесот.