Празниците се убав момент кога човек може да биде со блиските, да се види со пријателите и роднините, но и период во кој може во релаксирана атмосфера да прочита нешто. Така деновиве, прелистувајќи по некои историски книги налетав на еден интересен факт, кој може и по малку сум го заборавил со оглед на динамиката на активностите изминатиот период, а факт кој може да е доста интересен и актуелен во периодот кој претстои.
Пишува: Самоил МАЛЧЕСКИ
Имено, станува збор за Бледските спогодби од 1947 години (Тито – Димитров) кој подразбираат повеќе договори меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија потпишани на 1 август 1947 година во Блед, тогаш НР Словенија, ФНР Југославија, денешна Република Словенија. За историското значење на овој договор и настаните поврзани со него нема што и да пишувам, сепак тоа е работа на историчари, а јас не сум тоа. Но овој договор, кој во суштина има една голема политичка тежина за Македонскиот народ. Зошто?
Со овој спогодби тогашната влада на НР Бугарија се обврзала да ги осигура правата на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, во слободен национален, економски и културен развој (Конвенција за просветни и културни врски). Исто така, спогодбите предвидувале и обединување на Вардарскиот и Пиринскиот дел на Македонија, како и враќање на некои западни покраини од НР Србија кон НР Бугарија. Спогодбите содржат Договор за пријателство, соработка и взаемна помош меѓу ФНРЈ и НРБ, Спогодба за стопанска соработка меѓу ФНРЈ и НРБ, Спогодба за двосопственичките имоти на југословенско-бугарската граница, за олеснување на преминот на границата од пограничното население и за државјанството помеѓу ФНРЈ и НРБ како и Протокол за решенијата на историската конференција на делегациите на ФНРЈ И НРБ. Со Бледските спогодби НР Бугарија ја признава посебноста на Македонците и Македонскиот јазик, кој е кодифициран во 1945 година, две години пред потпишување на овој договор.
Секако сето ова си имало цена, затоа и тогашното раководство на НР Бугарија го има прифатено овој договор. Имено, со потпишување на договорот Тито се откажал од $25 милиони долари за воената штета (репарација) од Втората светска војна што ги должела НР Бугарија. Со оглед на фактот дека на 1 октомври 1949 година НР Бугарија еднострано го раскинува овој договор, до ден денешен никој не го покренува прашањето за воената штета која нашиот источен сосед ја должи кон ФНР Југославија, а со тоа и кон Република Македонија како еден од правните наследници на правата и обврските на поранешната Федерација. Факт е Бугарскиот фашистички окупатор најмногу делувал на територија на Вардарскиот дел на Македонија, денешна Република Македонија, оваа штета во најголем дел се однесувала на штети сторени токму на територија на денешна Република Македонија.
Но, тие 25 милиони долари во 1947 година денеска вредат многу многу повеќе. Најпрво треба да се одреди мултипликаторот на инфлацијата. Вредноста на еден долар значително се има променето во псоредба со 1947 година. Според Индексот на потрошувачки цени (CPI), 1 долар во 1947 година е еквивалентен по куповна моќ на приближно 14,53 долари денес. Ова значи дека денешните цени се околу 14,53 пати повисоки од просечните цени во 1947 година.
Сега, ако овие 25 милиони се помножат со факторот на инфалција или со 14,534618834 се добива сума од 363.365.470,85 долари која денешната Република Бугарија ја нема вратено како воена штета од Втората светска војна, кон денес историските наследници на ФНРЈ, износ кој во најголем дел и припаѓа на Република Македонија. Секако ова е номинална вредност, реалната е многу поголема.
Македонија има доста признати и познати експерти по меѓународно право, а имаме и доста пријатели кои може да помогнат доколку ги побараме. Се прашувам дали не е време Владата да ги консултира истите и да почне постапка со која пред меѓународните институции ќе си ја побара воената штета од Втората светска војна од нашиот источен сосед? Бидејќи и покрај тоа што ФНРЈ им го простила долгот, и покрај тоа што македонската власта на ниеден начин не го попречуваше нивното евроинтегрирање пред 2007 година во делот на добрососедските односи („заслуга“ на Љубчо Георгиевски) денес Република Бугарија не тормози со патолошки изливи на љубов, кои секако се надвор од вредностите на ЕУ и Копенхашките критериуми!
За митрата и жезолот на Св. Климент, како и за другите украдени документи и артефакти од времето на окупацијата од страна на Бугарскиот фашистички окупатор во друга прилика!
Д-р Самоил Малчески,
Универзитетски професор
