САД ќе ја зголемат заштитата на медиумите во регионот, каде се евидентирани најголем број убиства на новинари, истакна американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Тој ги критикуваше обидите за нарушување на слободата на медиуми во неколку латиноамерикански држави.

Според него, тамошните влади применуваат закони и надзор, чија цел е да се наруши слободата на медиумите и да ги заплашат новинарите.

Блинкен ги издвои Куба, Никарагва, Венецуела, трите земји што претседателот Џо Бајден ги исклучи од Самитот на американски држави, затоа што не биле демократски.

– Ниту еден регион во светот не е поопасен за новинарите, истакна американскиот државен секретар.

Тој додаде дека годинава на западната хемисфера, убиени се најмалку 17 медиумски работници, повикувајќи се на податоци од УНЕСКО за новинари жртви.

Минатата недела во Бразил исчезнаа британскиот новинар Дом Филипс и локалниот експерт Бруно Переира. Тие известуваа од оддалечен дел на амазонската прашума, каде владее беззаконие, а што се наоѓа близу границата со Перу.

– Таквите злосторства се присутни затоа што луѓето кои ги наредуваат и спроведуваат, ретко за нив одговараат. Со тоа, се дава до знаење оти нападите можат неказнето да продолжат, нагласи Блинкен.

Американскиот државен секретар го критикуваше и Салвадор.

– Владите се служат со закони што ја гушат слободата на изразување, како што видовме со неодамнешната низа амандмани, усвоена од Салвадор во март и април годинава, појасни Блинкен.

Тој одржа говор на настан посветен на слободата на медиумите, во очи на Самитот на американски држави, каде треба да се разговара за економски проблеми и за миграцијата.