Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен денеска во Анкара ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган откако ќе го посети епицентарот на земјотресот и ќе најави дополнителна помош. Ова е прва посета на американскиот државен секретар на Турција откако тој ја презеде функцијата пред две години.
САД и Турција, сојузници во НАТО, често имаат затегнати односи, а нивните несогласувања треба да бидат тема на разговор. Приоритетното несогласување што ќе се најде на дневен ред е блокадата на Турција на Шведска и приемот на Финска во НАТО. Нивните кандидатури се чекаат од мај минатата година. Се очекува Блинкен да се обиде да влијае на Ердоган да им дозволи на Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во четвртокот за време на посетата на Турција изјави дека „сега е моментот“ да се прифатат двете северноевропски земји во Алијансата. Друга геополитичка тема е потенцијалната продажба на ловци-бомбардери Ф-16 на Турција, која е блокирана од Конгресот во Вашингтон бидејќи е загрижен за состојбата со човековите права во Турција и заканите упатени кон Грција.
Точка на спор е курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), која Турција ја смета за „терористичка“ и која беше една од главните сили во борбата против џихадистичката Исламска држава (ИД), со воздушна поддршка на меѓународната коалиција предводена од САД.
Посетата на Антони Блинкен се одвива и во контекст на земјотресот што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари. Четиринаесет дена по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја опустоши јужна Турција и северна Сирија, штетите се големи, а жртвите многу големи: според последните податоци, повеќе од 44.000 луѓе ги загубиле животите.
Блинкен најави дополнителна помош. САД ќе доделат уште 100 милиони долари помош за настраданите од разорниот земјотрес, покрај претходно одобрените 85 милиони долари, објави Стејт департментот.
Претседателот Џо Бајден планира да одобри 50 милиони долари за помош на бегалците и мигрантите и уште 50 милиони долари за загинатите во катастрофалниот земјотрес. Оваа вест ја соопшти Блинкен во неделата во воздухопловната база Инџирлик каде се стационирани околу 1.500 американски војници. По Турција, Блинкен ја завршува европската турнеја во Атина.