Од утре напладне, во период од седум дена, товарниот сообраќај ќе биде целосно запрен на граничните премини низ Македонија, како дел од координиран протест на камионските превозници од регионот, кои реагираат на новиот систем за влез и излез во Европската унија.
Превозниците од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија најавија дека ќе ги паркираат камионите на границите, незадоволни од начинот на кој се применува системот за броење на деновите за престој, со што, како што велат, возачите се доведуваат во ризик да го надминат дозволениот лимит.
БЛОКАДА НА ГРАНИЦИТЕ
Сите гранични премини во Македонија ќе бидат затворени за товарни возила, додека автобусите и патничките автомобили ќе можат непречено да влегуваат и излегуваат од земјата.
„Како превозници одлучивме да ги затвориме граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато кај Дебар и Блаце. Табановце од наша страна ќе остане отворено, но нашите колеги од Србија ќе го блокираат“, изјави Билјана Муратовска од Транспортната асоцијација Макам-транс.
Муратовска предупреди дека новиот систем, особено од 10 април кога ќе започне целосното електронско броење, сериозно ќе го поскапи транспортот на стоки и ќе предизвика штети не само за македонската, туку и за економиите на целиот Западен Балкан.
Според неа, проблемите веќе се манифестираат на терен. Наведе дека околу 100 босански транспортери биле приведувани, гонети со полициска придружба, задржувани во притвор и депортирани поради надминување на дозволените 90 дена престој, а слични случаи имало и со македонски превозници.
„Овие луѓе не се терористи, не се мигранти, а со нив се постапува како со најтешки криминалци“, реагира Муратовска.
За сериозните последици врз бизнисот предупреди и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оценувајќи дека новите правила не носат подобрување за ниту една област во Европската унија, а создаваат големи проблеми за земјите од регионот.
„Очекуваме од понеделник реакциите да се прошират во сите земји кои се погодени од ова. Не очекувам брзо решение, но очекувам повлекување на одлуката“, изјави Азески.
Дека состојбата може да доведе до сериозни економски последици предупреди и министерот за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека станува збор за навистина тежок проблем за кој се разговарало и со Европската унија, но без да се наиде на разбирање.
Камионските превозници реагираат и на фактот што, како што велат, за другите транспортни дејности се предвидени отстапки, додека за нив не. Според нив, решението е едноставно – истите исклучоци што важат за кабинскиот персонал во авионскиот, бродскиот и железничкиот транспорт да се применат и за професионалните возачи во патниот транспорт.
БЛОКАДА НА ГРАНИЦИТЕ
