За каков било ненамерен пропуст што се случил при денешната посета и средба меѓу нас и бугарските колеги би сакал да се извинам, рече денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски пред почетокот на прес-конференцијата во Клубот на пратениците каде се одвиваше средбата со неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и со туроператорите од двете држави.

Бочварски истакна дека ќе има уште многу настани како денешниот кои ќе бидат прилика владите и институциите да ги поправат сторените пропусти.

-Ова е прв лет Скопје – Софија, а ние рековме дека ги отвораме вратите и ве уверуваме дека ќе има уште многу можности и летови, сите вакви пропусти ќе ги поправиме и како влади и како институции, напомена министерот откако претходно новинарот Фуркан Салиу вербално реагираше зашто утрово, при слетувањето на авионот од Софија, иако уредно поканети и акредитирани за следење на настанот, присутните новинари, фоторепортери и сниматели биле неприфатливо третирани и попречени да известуваат од страна на службите за обезбедување.

Салиу му порача на министерот, да не праќаат покани, ако не дозволуваат соодветно покривање на настаните.

-Овој микрофон се плаќа од јавни пари и имам право да ви кажам тоа што го мислам во име на новинарите и снимателите и во име на ЗНМ и Синдикатот на новинари кои веќе реагираа. Бараме да ни овомзожите исти услови за работа како на вашите фоторепортери и сниматели. Ако сакате само тие да ве снимаат, а ние не, не праќајте покани ама да знаеме дека во оваа држава не постојат медиуми. Си имате Вие Ваш ПР центар и продолжете, рече новинарот Фуркан Салиу по што ја спушти камерата на неговиот медиум пред министерот, а тоа го сторија и уште еден снимател и фоторепортер.