Министерството за транспорт и врски, посочи Бочварски во гостувањето на Канал 5 тв, е само една од алките при носење на урбанистички планови за кои дава согласност, додека Деталните урбанистички планови се сопственост на општините, а Генералните урбанистички планови се сопственост на градовите.
– Тоа е според законот и ние дополнително дадовме можност со новиот закон некоја општина да побара суспензија на дел од планот или на цел план, таму каде што е нарушен јавениот интерес, изјави Бочварски.
Од општина Центар, нагласи тој, беа поднесени 13 барања за преку 20-тина урбанистички планови за суспензија, што е некаде повеќе од половина од сите детални урбанистички планови во општината.
– Ние формиравме стручна комисија, не политичка, што е многу важно и затоа не сакам да дозволам темата да се води политички, туку ова е исклучиво стручна дебата што ја имавме во Министерството и се разговараше меѓу Министерството и општина Центар. Со тоа ние го дадовме нашето мислење, но притоа рековме одлуките се во општина Центар и во Советот на општина Центар, изјави Бочварски.
Во однос на дебатата, посочи Бочварски, клучниот и конечен збор треба да го имаат стручните луѓе во општината кои ќе го информираат Советот на општината и таму ќе се донесат одлуките.
– Не сакам со моето мислење да влијаам во јавноста, заради тоа што сметам дека од оваа позиција направив се и преку сите консултации кои ги направивме за да се поднесат елаборати со кои точно ќе се пикира каде јавниот интерес е доведен во прашање за да како стручна комисија се изјасни позитивно во однос на сите тие прашања, изјави Бочварски.