Потенцијалните жртви на семејно насилство ќе можат да воспоставуваат видеоповици со Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи. Во исто време, полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат комплетно опремени со таканаречени боди камери, преку кои директно ќе се испраќаат видеосигнали до командните центри. Овие два нови проекти значително ќе придонесат во превенцијата и заштитата на жртвите, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на гостувањето во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.

Како што објасни Тошковски, секоја жртва, додека да пристигне полициската патрола на терен, ќе има можност преку својата видеокамера на телефонот да го оствари повикот. На тој начин веднаш ќе се документира фактичката состојба на местото на настанот, што подоцна ќе послужи како клучен доказ во понатамошните кривични постапки пред правосудните органи. Министерот оцени дека станува збор за револуционерни промени во функционирањето на полицијата.

„Најавувам круцијален проект кој гарантирам дека ќе го поткрене нивото на професионалноста на постапувањето од страна на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди камера. Боди камерите ќе можат да преведуваат на повеќе од 40 јазици во живо, да испратат видеосигнал до командниот центар и врз основа на вештачка интелигенција да утврдат одредени факти. Последици ќе трпат сите што нема да ги употребуваат боди камерите. Максимум до средината на 2027 година ќе биде имплементиран проектот со камерите на територијата на цела Македонија. Моментно се реализира пилот проект во Велес. Тоа ќе биде револуционерен проект во Македонија, а резултатите, убеден сум, ќе бидат дури подобри од она коешто го даде Безбеден град“, потенцира Тошковски.

Тошковски повтори дека семејното насилство претставува едно од најголемите општествени зла со кои се соочува Македонија во изминатиот период.

„И тоа не е само сега. Ги има во изминативе десетина години согласно статистиката што ја имам. Станува збор за многу сериозно општествено зло кое мора да има соодветен мултиинституционален одговор, и од државните институции, но и од сите општествени чинители. Кога ќе дојде работата до полиција, обвинителство, суд, а говориме за семејно насилство, мислам дека тука веќе отишла многу далеку работата, таму каде што не треба“, истакна Тошковски.

Според официјалната анализа на Секторот за внатрешни работи Скопје, бројот на вкупни кривични дела како поднесувани кривични пријави се движел од 281 случај во 2018 година, 274 во 2020, 316 во 2021, 283 во 2024, до 280 пријави во текот на 2025 година. Во текот на 2026 година, досега се евидентирани вкупно 506 кривични пријави за вакви дела.

„Оваа бројка е зголемена зашто оваа Влада и овој парламентарен состав на почетокот на оваа година го смени кривичното дело во рамки на кривичниот законик кога имаме семејно насилство со лесна телесна повреда да мора да се гони по службена должност. Ако во 2021 година на територија на цела Македонија кога говориме за семејно насилство сме имале изречено шест притвори, во 2022-ра 15 притвори, во 2026 година заклучно со 25 ноември имаме 102. Значи, видете колку е зголемено институционалното делување кога би говореле само за притвор. Кога би говореле за итни мерки кои биле изречени од страна на судот, во 2021-ва сме имале 15, во 2022-ра сме имале 26, а во 2026 имаме 168“, заклучи Тошковски, напоменувајќи дека разликата е директен резултат на зголеменото институционално делување.