Убиен водачот на навивачката група на ФК Борац „Лешинари“, Дејан Костиќ – Дела
Дејан Костиќ, познат како Дела (35), криминалец од Бања Лука и водач на навивачката група на ФК Борац „Лешинари“, беше убиен во саботата вечерта во родниот град, пред ресторанот „Стара Ада“. Според информациите, злосторството се случило по вербална расправија со Немања С., за кого полицијата сè уште трага.
Костиќ беше убиен на паркингот пред ресторанот со повеќе куршуми во глава. Полицијата истата вечер уапси неколку лица кои биле во друштво на осомничениот Немања С., меѓу кои и неговиот татко Јеленко К., Алјоша Г., Јовица Г., како и уште неколку лица од Бања Лука.
Детали за инцидентот
Кобниот ден, Костиќ бил на вечера во ресторанот со сопругата и детето. На друга маса се наоѓала група лица со кои тој веќе имал претходни конфликти.
Започнало со провокации и добацивања, кои преминале во жестока кавга. Наводно, Костиќ изјавил дека ќе оди дома да земе оружје и ќе ги убие сите присутни. Тој ја однел сопругата и детето дома, но по кратко време се вратил вооружен со својот „пежо“. Членовите на спротивната група излегле надвор, по што дошло до пукање. Костиќ бил погоден со рафал од пиштол во главата – изјавиле очевидци за медиумите.
Сопругата на Костиќ, која се вратила со друго возило зад него, наишла на мачна сцена.
Богато криминално досие
Дејан Костиќ имал големо полициско досие. Како дел од учество во криминална група имал бројни тепачки и тешки кривични дела во Бања Лука. Во 2011 година, Костиќ бил осуден на пет години затвор заедно со Славиша Ќулум и Дејан Чаиќ за обид за убиство на Јован Јошило во април 2010 година. Во овој вооружен судир загинал братот на Славиша, Недељко Ќулум (19).
Славење во групата на Алјоша Г.
Групата со која Костиќ се судрил во ресторанот славела роденден на Алјоша Г., познат по криминални активности, а во друштво биле дваесетина лица од криминалното подземје. Меѓу нив бил и Среќко Р., син на контроверзниот бизнисмен Миле Р.
Истражни дејствија
Според изјавата на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука, убиството се случило околу 18:50 часот пред ресторанот „Стара Ада“. Во тек е потрага по едно лице, додека повеќе лица се приведени.