Приклучувањето кон иницијативата носи поевтина комуникација во ЕУ

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ прави конкретни чекори што носат директни придобивки за граѓаните, истакна Драгана Бојковска, член на ИК на партијата и пратеник.

„За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ главен приоритет се интересите на македонските граѓани, направен е уште еден значаен чекор од кој директна придобивка ќе имаат токму граѓаните на Република Македонија“, изјави Бојковска.

Таа посочи дека приклучувањето кон иницијативата „Роаминг како дома“ е значаен европски чекор.

„Станува збор за конкретен, видлив и практичен чекор кон европската иднина на Македонија, а тоа е приклучувањето кон иницијативата „Роаминг како дома““, нагласи таа.

Без дополнителни трошоци за повици, интернет и СМС

Бојковска објасни дека новата иницијатива директно ќе ги олесни трошоците на граѓаните и бизнисите.

„Со „Роаминг како дома“, граѓаните ќе можат да користат мобилни услуги, повици, СМС-пораки и мобилен интернет, без дополнителни роаминг трошоци, односно под услови еднакви со домашните тарифи“, рече таа.

Според неа, придобивките ќе бидат директно видливи во секојдневната комуникација.

„Поконкретно, добиваме помали трошоци за граѓаните, полесна комуникација со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа, подобри услови за компаниите и поевтина прекугранична соработка“, додаде Бојковска.

Завршена законска подготовка, следи имплементација со ЕУ

Таа посочи дека Владата веќе ги завршила клучните чекори за усогласување со европските регулативи.

„Почитувани, во изминатиот период, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде сериозни, суштински и одговорни чекори за усогласување на домашното законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации“, нагласи Бојковска.

Таа додаде дека процесот е во завршна фаза на национално ниво.

„Нацрт-законот беше објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, по што беше спроведена владина постапка. На седница на Владата, одржана на 24 февруари 2026 година, беше утврден текстот на Предлог-законот“, истакна таа.

Бојковска порача дека следува европска фаза на преговори и имплементација.

„Ова значи дека Македонија не доцни и дека е подготвена. Ова е директен показател дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ испорачува резултати“, рече таа.

„Ова е успех за граѓаните на Македонија. Продолжуваме посветено, одговорно и со резултати“, додаде Бојковска.