Премиерот Христијан Мицкоски испрати порака Илинден е наша заедничка инспирација, секоја своја генерација има своја борба. Имаме долг, кон историјата, но и пред себе, борбата трае, никогаш да не се откажеме.
Имаме економска визија за развиена дражава. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почетокот на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упати честитка до сите граѓани:
Ви го честитам најголемиот македонски празник – 2 Август – Илинден. На овој празник на светлината се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна. На 2 август 1944-та, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија македонската држава како република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани, „не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“.
Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности.
Честитки стигнаа и од министрите.
Александар Николоски којшто е министер за транспорт и врски Илинден го честиташе со видео каде од птичја перспектива се гледа работата на патот Кривогаштани – Крушево.
По повод чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, како дел од владината делегација предводена од Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, положи свежо цвеќе во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Илинден претставува голем македонски национален празник, кој несомнено има посебно значење за историјата на македонскиот народ, не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава, и на сите оние кои со своите дела и подвизи трајно се вградиле во овој чин, време кога блескаше духот на единството и издржливоста на нашиот народ, пишува тој.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на сите граѓани, припадници на Армијата, вработените во Министерството за одбрана им го честита големиот празник „2ри Август – Илинден“.
„Симболот на нашиот непокор, на нашата одлучност да живееме слободно во мир и заедништво е нашиот најголем празник Илинден. Илинден е нашиот темел за независност. Аманетот на нашите херои од Илинденското востание и од Народноослободителната војска, е водилка која мораме да ја следиме и да создадеме просперитетна иднина за нашите деца“.