МВР утврди сериозни пропусти кај полициски службеник

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави покренување кривична постапка против полициски службеник. Службеникот дозволил да не се санкционира братот на градоначалникот на општина Гази Баба за прекршок во сообраќајот.

Инцидентот се случил кога возачот управувал со 88 километри на час на место каде што ограничувањето било 50 километри на час. Наместо да биде санкциониран сторителот, полицаецот внесол податоци за сосема друг граѓанин кој немал врска со прекршокот.

Тошковски изјави дека постапувањето на службеникот било спротивно на законските овластувања и дека се работи за два сериозни пропусти.  Се работи за пропуштање да се казни вистинскиот прекршител и внесување лажни податоци во официјалната документација.

Братот на градоначалникот се пријавил, следи казна и забрана

Министерот информираше дека лицето, брат на градоначалникот на Гази Баба, денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“ и му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра. Дополнително, ќе биде поднесено барање за изрекување на забрана за управување со моторно возило.

Тошковски нагласи дека Министерството за внатрешни работи веднаш постапило по информациите објавени во јавноста. Тошковски упати јасна порака дека секој полициски службеник мора да постапува согласно законот и стандардно-оперативните процедури.

Опозициската СДСМ денеска објави дека на 20 април, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата застанала возило со преголема брзина управувано од братот на градоначалникот на Гази Баба.

Според СДСМ, полициските службеници не го санкционирале сторителот по наредба на началник во Министерството за внатрешни работи.

Извор: Република