На 9 ноември 2024 година, во 23.50 часот, полициските службеници на Меѓународниот аеродром-Скопје го лишиле од слобода Д.С.А.Д. (34) од Бразил, откако му бил одбиен влез во државата. При претресот извршен од Одделот за криминалистичка полиција во соработка со Царинската управа и користење на службено куче, во еден од куферите на бразилскиот државјанин биле пронајдени два килограма кокаин. Лицето признало дека било ангажирано од македонски државјанин да го транспортира кокаинот од Сао Паоло до Скопје за надомест од 5000 евра.

Претреси во Охрид и Струга: Уапсени браќа и распишан распис за трето лице

По прибраните сознанија за лица инволвирани во транспортот на дрогата, биле спроведени претреси во соработка со СВР Охрид. Во Охрид биле извршени претреси кај браќата Ќ.Н. (36) и Х.Н. (28), кои биле лишени од слобода по наоѓањето на докази. Дополнително, полициски службеници од ОВР Струга извршиле претреси на две локации кај С.К. (36), за кого е распишан распис за приведување поради инволвираност во организирањето на транспортот на дрогата.

Поднесена кривична пријава за организирање и транспорт на кокаин

Согласно собраните докази, СВР Скопје денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против четири лица, осомничени за учество во организирање и транспорт на два килограми кокаин. Обвинетите се соочуваат со сериозни обвиненија за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.