Европскиот парламент побара Албанија итно да ги запре новите дозволи и градежните активности во заштитените природни подрачја, во момент кога владата на Еди Рама се соочува со критики поради проект за луксузно одморалиште што медиумите го поврзуваат со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Скопје1.мк“.

Притисокот од Брисел доаѓа по повеќедневните протести во Албанија под мотото „Фламинго револуција“, насочени против проектот. Протести организираше и албанската дијаспора во повеќе земји низ светот.

Во резолуцијата за Извештајот на Европската комисија за Албанија за 2025 година, европратениците побараа итен мораториум на новите дозволи и на градежните активности во заштитените подрачја. Во претходна верзија на документот бил споменат конкретниот проект поврзан со Кушнер, но тој дел не влегол во конечниот текст.

Холандската европратеничка Тинеке Стрик оцени дека протестите покажуваат оти албанските граѓани се грижат и за животната средина и за европската перспектива на земјата.

Европските институции истовремено бараат од Албанија да ги преиспита измените во законодавството за заштитени подрачја и да го укине законот за стратешки инвестиции, кој овозможи реализација на големи развојни проекти во чувствителни природни зони.

За време на дебатата во Стразбур, италијанската европратеничка Иларија Салис порача дека Европската Унија треба внимателно да ги следи случувањата во Албанија. Таа нагласи дека активното граѓанско општество е важен гарант за демократскиот развој и европската интеграција на земјата.

Комесарката за проширување Марта Кос изјави дека албанската влада дала уверувања дека ќе биде спроведена целосна проценка на влијанието врз животната средина и дека ќе се почитуваат европските стандарди во оваа област. Таа додаде дека Албанија останува меѓу најнапредните земји кандидати во процесот на проширување.

Премиерот Еди Рама реагираше на расправата во Европскиот парламент преку објава на социјалните мрежи, уверувајќи дека природните богатства во регионот ќе бидат заштитени и дека сите идни активности ќе се реализираат во согласност со европските еколошки стандарди.