Британци се воодушевени од македонскиот јазик и го изучуваат на одделен курс на којшто подетално се пренесуваат знаења и за македонската литература и култура. Веќе три академски години по ред, на Школата за словенски и источноевропски студии на престижниот Лондонски глобален универзитет се одржува курс по македонски јазик, во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Деновиве успешно заврши летниот семестар на курсот, при што уште еднаш беше потврдена посветеноста на слушателите / студентите во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, но и нивната определба да бидат афирматори на македонистиката во Обединетото Kралство.
Ваквите форми на настава по македонски јазик, каков што е курсот во Лондон, којшто се одржува во вечерни термини, овозможуваат дополнителна афирмација на македонистиката на реномирани образовни и научни центри во Европа и светот. Преку нив се овозможува и запознавање и соработка со нови поддржувачи на македонскиот јазик, литература и култура, коишто добиваат можност за напредни знаења. Од голема важност е што голем поддржувач на овој курс е и амбасадата на нашата земја во Обединетото Кралство, којашто придонесува за уште поголем поттик на слушателите – идни македонисти.
-Како Семинар изразуваме големо задоволство што по долги години откога престана да работи тамошниот лекторат по македонски јазик, во изминативе три академски години, македонскиот јазик повторно се изучува во Лондон, и тоа на престижниот Лондонски глобален универзитет. Во изминатиот период, настојувавме на секој можен начин да придонесеме за успешноста на курсот, вклучително и преку учебници, односно наставни помагала, но нема да запреме тука! МСМЈЛК при УКИМ ќе стори сè со што може за да оствари свој влог и во натамошниот квалитет на курсот и во поттикнувањето на слушателите за нивна натамошна посветеност на македонистиката, со надеж дека некои од нив, следните години ќе бидат учесници и на нашите летни и зимски школи, а оние коишто потемелито ќе се посветат и на научната дејност, и на Меѓународната научна конференција, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по повод успешното завршување на летниот семестар на курсот по македонски јазик на оваа реномирана високообразовна институција во Британија.
Таа одделно ги посочува заложбите на професорката по македонски јазик којашто го држи овој курс и на нашата амбасадорка во Обединетото Кралство.
-Враќањето на македонскиот јазик на високообразовна институција во Британија е исклучително значаен чин. Затоа, од името на МСМЈЛК при УКИМ морам одделно да ги истакнам заложбите на професорката Ана Илиевска-Завршник, со чијашто заложба се случи македонскиот јазик да се изучува и во рамките на вечерните курсеви на Школата за словенски и источноевропски студии. Но и заложбите на нашата амбасадорка, Александра Миовска, којашто од самите почетоци, со цврста и конкретна поддршка, суштински застана зад овој курс по македонски јазик. Но и не само на почетоците, туку постојано давајќи поддршка и согласно со своите надлежности залагајќи се за успешноста на курсот и за потребите на слушателите. Искрено се надеваме и посакуваме ентузијазмот и поддршката да продолжат, а ние како МСМЈЛК при УКИМ ќе го испорачаме сето она што можеме за оваа успешна приказна на македонистиката, нагласува Мојсова-Чепишевска.
На последниот час од летниот семестар на курсот по македонски јазик, слушателите / студентите остварија средба со амбасадорката на Р Македонија во Обединетото Кралство, Александра Миовска и новоименуваниот британски амбасадор во нашата земја, Метју Лосон, на којшто се разменуваа искуства од изучувањето на македонскиот јазик и совладувањето на неговите специфики. Изминативе години, амбасадорката остварува редовни средби со слушателите на курсот, како и со професорката Илиевска-Завршник.
Покрај редовната настава по македонски јазик, во чиишто рамки Британците се запознаваат и со македонската литература и култура, изминативе години, на Лондонскиот глобален универзитет, преку овој курс се одржаа и настани посветени на македонистиката, меѓу коишто се издвојува одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, коешто беше и еден од првите настани со коишто се одбележа големиот јубилеј.
Инаку, дел од фондот на библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии на Лондонскиот глобален универзитет се бројни книги на македонски јазик, како и книги од македонски автори преведени на англиски јазик, коишто се постојано достапни и за слушателите на курсот по македонски јазик, но и за сите студенти на Школата. Во рамките на курсот по македонски јазик на оваа реномирана високообразовна установа се користат и учебниците по македонски јазик и учебникот за македонска литература и култура издадени од МСМЈЛК при УКИМ.