Русија не успеа да ги постигне првичните цели, да ги заземе Киев и украинските центри на моќ, но, земјата постигна тактички успех во Донбас, објави Министерството за одбрана на Велика Британија, на стоттиот ден од руската инвазија на Украина.
Министерството наведува дека се постигнати тактички успех во источниот регион Донбас и контрола на над 90 отсто од Луганската област.
Украинската војска соопшти дека во стратешки важниот град Северодонецк во областа Луганск, ноќва успеала да ги задржи позициите.
Во соопштението се додава дека руските сили и понатаму гранатираат украински позиции во градот и предградијата Боривск и Устинивка, како и во градот Лисичанск.
Пропаднаа и обидите на Русија да го отсече Северодонецк од линиите за снабдување позападно со напад на подрачјето околу Бахмут, се наведува во украинското соопштение.