Премиерката на Р.Србија Ана Брнабиќ денеска изјави дека во последните шест до седум години, секторот на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) станал еден од трите клучни мотори на развојот на српската економија и дека Србија практично станала полноправна членка на Европската унија во оваа сфера, јави дописникот на МИА од Белград.

На презентацијата на програмата „Дигитална Европа“ во Научно-технолошкиот парк во Белград, Брнабиќ изјави дека во првите пет месеци, заклучно со мај, извозот на ИКТ услуги достигнал 1,3 милијарди евра, што е за 41 отсто повеќе од лани, а минатата година била рекордна во оваа смисла со извоз на ИКТ од 2,7 милијарди евра.

-Со потпишувањето на Договорот за учество во програмата Дигитална Европа на крајот на јуни во Брисел и денес, кога го одбележуваме првиот повик до нашите компании, научни институти, факултети, тимови на микро, мали и средни претпријатија да се јават со нивните проекти за финансирање од програмата Дигитална Европа практично станавме полноправна членка на ЕУ во оваа сфера, рече Брнабиќ.

Таа истакна дека е особено задоволна што оваа агенда ја „турка“ од 2016 година и ја препознала како најголем развоен потенцијал на Србија.

Како што рече, Србија има добри шанси до 2027 година да искористи значителен дел од 7,5 милијарди евра доделени од ЕУ.

Брнабиќ очекува дека во следните три години ИКТ секторот апсолутно ќе биде моторот на развојот на српската економија, што значи дека Србија успешно се трансформирала во земја чиј развој се заснова на знаење и иновации.

Таа најави дека во 2024 година, БИО4 кампусот веќе ќе биде изграден во голем обем со цел Србија да стане клучна земја во Централна и Југоисточна Европа за биотехнологија и вештачка интелигенција.

– Ако зборуваме за вештачка интелигенција и суперкомпјутер, тоа е нашиот фокус. Пред три недели имавме состанок на кој разговаравме за суперкомпјутерот, кој веќе го имаме во државниот DATA центар во Крагуевац. Во моментов тој суперкомпјутер го користат целосно бесплатно 30 факултети и 20 старт-ап компании. Верувам дека во текот на 2024 година веројатно ќе дојдеме до точка целосно да го искористиме. И денес треба да размислуваме за купување на уште еден – побрз и понапреден суперкомпјутер, рече Брнабиќ.