Во текот на септември годинава во ЕУ биле реализирани 605.806 комерцијални летови, што претставува раст за 7,9 отсто во споредба истиот месец лани, но оваа бројка сепак е пониска за 8,9 проценти во однос на септември 2019 година, соопшти Европската статистичка служба (Евростат).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, податоците на Евростат укажуваат на продолжување на трендот од претходните три месеци, кога имаше раст на бројот на летови на годишно ниво, но тие и натаму беа под нивото на предпандемиската година.

Така, во јуни бројот на летови бележеше раст на годишно ниво од 6,9 отсто, во јули од 7,4, а во август од 6,6 проценти. Од друга страна, споредено со 2019 година во јуни имаше пад 10,4 отсто, во јули од 9,0, а во август намалување од 8,5 проценти.

Сепак и покрај вкупниот негативен показател, шест членки на ЕУ во септември годинава бележат поголем број реализирани комерцијални летово споредено со истиот месец во 2019 година и тоа Грција од 10,9 проценти, Португалија од 9,0, Кипар од 5,9, Хрватска од 2,6, Ирска од 1,4 и Малта од 0,7 отсто.

Најголем пад на летово меѓу септември 2023 и септември 2019, пак, има во Летонија од 30,4 отсто, пред Финска од 30,2, Естонија од 25,4, Шведска од 24,1 и Словенија од 22,9 проценти.